[Фото] Редици луѓе во Калифорнија чекаат легално да си купат канабис

Со првите денови од новата година во Калифорнија, започнаа и првите легални продажби на канабис за рекреативна употреба, јавуваат американските медиуми.

Директори, наставници, доктори, фризери, механичари… Редици луѓе од разни генерации, од различни религии и социјални слоеви чекаа да им дојде редот и, конечно, да можат да си купат легално канабис.

„Ова е историски ден за државата Калифорнија“, изјави Лори Ајакс од Бирото за контрола на канабис. „Се надеваме дека изложивме модел кој ќе биде пример за другите држави кога ќе одат по патот кон легализација“, дополни Ајакс.

За да се подготви за продажбата во понеделникот, државата ја помина изминатата година обезбедувајќи сложени правила и одданочување за трговците на мало, дистрибутерите, лабораториите за тестирање, организаторите на настани и други бизниси поврзани со канабис.

Регулаторите работеле напорно во текот на викендот за да издадат повеќе лиценци, и тоа во последен момент, додека многу бизниси чекаа и се уште се загрижени за нивната судбина по новиот налог за канабис.

Во исчекување за да набават канабис, некои граѓани почнале да пристигнуваат во продавниците и за време на на новогодишната ноќ. Завиткани во топли ќебиња, спиеле дури и во столчиња, придружени од пријателите, семејствата или кучињата.

Некаде групи луѓе истовремено славеа и доаѓање на Нова година, и можноста да си набават канабис за лична употреба, без страв дека ќе бидат третирани како криминалци или неморални личности.

Со ваквите вести истовремено се прошири и информацијата дека боксерот Мајк Тајсон купи ранч во Калифорнија за да одгледува канабис. Земјиштето е од 16 хектари во Калифорнија Сити, гратче од 15.000 жители, каде ќе работи со двајца бизнис партнери. Исто така, 51-годишниот Тајсон најави отворање на училиште наречено „Тајсоновата школа за култивирање“. Целта е производителите да го усовршуваат процесот на одгледување канабис. За целата идеја доби поддршка од властите.

„Ова значи повторно раѓање на градот и ќе отвори нови работи места“, изјави градоначалничката Џенифер Вуд.

Инаку, Калифорнија стана шестата сојузна држава во САД која го легализираше канабисот за јавна употреба. Во наредните години очекува приход од десетици милијарди долари, а истовремено и да го намалува криминалот од аспект на дилери на црно, локални препродавачи и поголеми организирани групи со политичко влијание.