[Фото] Пешачки премин за учениците од „Живко Брајковски“

Учениците од ООУ „Живко Брајковски“ од Бутел конечно добија пешачки премин пред своето училиште, откако пред еден месец за проблемот ги алармираа општинските власти.

Дваесетина ученици од училиштето кои работеа заедно на проект на Македонскиот центар за граѓанско образование и УСАИД, за меѓуетничка интеграција на млади во образование, на јавна презентација им укажаа на властите со какви проблеми се соочуваат учениците, меѓу кои и непостоечкиот пешачки премин пред училиштето.

„Во нашата заедница не постојат игралишта коишто се пристапни за деца со потешкотии. За жал, многу луѓе се сиромашни и немаат средства за основни работи како храна и облека. Имаме диви депонии, а од друга страна пак, немаме недоволно канти за отпадоци. На улиците се вози брзо и се загрозува безбедноста на учениците и сите учесници во сообраќајот“ – изјавија младите во текот на јавната презентација која се одржа на средината на мај.

Веднаш потоа, учениците ги предложија и заедничките решенија.

„Да ја покренеме јавната свест за децата со потешкотии и да им помагаме на постарите и изнемоштени лица. Да организираме хуманитарни акции за да собираме храна и облека што ќе ги донираме. Задолжително да го селектираме отпадот во домаќинствата. Конечно, да се постават пешачки премини и соодветна сообраќајна сигнализација“ – додадоа учениците .