[Фото] Невреме во Скопје: Откорнати дрвја, оштетени возила и реки по улиците  

Кратка, но поројна бура со ветрови од над 80 километри на час попладнево го зафати Скопје и предизвика штети по јавни и приватни површини.

Низ градот се забележуваат искршени гранки и откорнати цели дрвја, паднати врз тротоари, улици, електрични кабли, а некаде директно врз возила.

Граѓани преку интернет просторот испраќаат фотографии и информираат и за паднати бандери и семафори. Во делови се гледа оштетен и испукан асфалт, па дури и летнати кровни конструкции. На десетици граѓани им прокиснува по дома.

По дождот, голем број улици се во „пловна“ состојба.

Од Град Скопје велат дека сите јавни претпријатија, Противпожарната бригада и сообраќајната полиција со сиот свој човечки потенцијал се на скопските улици во заеднички напори да се отстранат проблемите во најбрзо време.

„Во моментов екипите на Градскиот штаб за заштита и спасување приоритетно работат на расчистување на булеварите и градските улици, а потоа се продолжува со помалите општински улици. Се очекува поголемите проблеми да бидат отстранети во текот на денешниот ден“, информираа од Град Скопје.

Истовремено, од таму ги повикуваат граѓаните на трпение и на помош на јавните претпријатија за отстранување на проблемите во градот.

Според Емил Дуровиќ, началник на Градскиот штаб за заштита и спасување на Град Скопје, на мерната станица во Зајчев Рид, за 25 минути измерени се 11 литри на метар квадратен.

„Имајќи предвид дека стануваше збор за пороен дожд, во делови од градот, овие количини се и поголеми. Ветерот дуваше со брзина од над 80 км/ч. Невремето предизвика наместа поплавени улици, десетици паднати дрвја, откорнати кровови, билборди, прекинати електрични кабли, а на територијата на градот се регистрирани и неколку помали пожари“, кажа Дуровиќ.