[Фото] НаТочак: Снегот покажува дека нееднакво се третираат учесниците во сообраќајот

„Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај на Град Скопје вели: превртување на сообраќајната пирамида и ‘приоритизирање на просторот и потребите на пешаците, велосипедистите и јавниот транспорт за безбедност, погодност и комфорност’. Стварноста го вели ова на сликата“, реагираат од иницијативата НаТочак, објавувајќи фотографии каде може да се забележи снег по сите делови, освен по коловозите.

Вело-активистите потенцираат дека велосипедскиот и пешачкиот сообраќај не се ни рамноправно третирани со автомобилите, а камоли да се приоритизира тој сообраќај.

„10 дена снег во цела година го презентираат нееднаквиот третман на учесниците во сообраќајот. Утрово беше неможно да се стигне безбедно и комфорно на работа со точак, пешки или со автобус (автобуските постојки беа затрупани)“, забележуваат од НаТочак.

За да се каже дека јавниот превоз се одвива непречено, велат тие, треба да се исчистени и автобуските постојки и приодите до нив.

„А за да се каже дека се целосно исчистени булеварите и градските улици, треба да се исчистени сите нивни делови. По дефиниција улица = тротоари + велосипедски патеки + коловоз. За да бидат изјавите вистинити треба да се кажува дека утрово беше целосно исчистен само коловозот (не улиците!). Ова изедначување на термините ‘улица’ со ‘коловоз’ е уште една потврда дека не сме ја надминале автоцентричноста“, велат од НаТочак.

Исто така, тие со фотографија ја посочуваат главната врска на западниот дел на Скопје (Влае, Ѓорче, Сарај) со остатокот од градот.

Единствено по овој тротоар, потенцираат активистите, може да се премине реката Вардар ако сте пешки и на точак.

„На железничкиот мост кај Фабриката Купрум нема ни тротоар. „Утрово на тие што тргнаа на работа со кола Градот им рече: ‘Мислиме на вас’. На тие што излегоа пешки, на точак или со автобус им рече: ‘Повеќе среќа следниот пат, за посигурно – изберете кола’“, реагираат од НаТочак.

Фото: НаТочак/Фејсбук