[Фото] НаТочак до Шилегов: До кога габаритните контејнери ќе бидат привремено решение?

Почитуван градоначалник Шилегов. Помина точно една година откако поставивте нови габаритни контејнери на велосипедски и пешачки патеки. Помина точно една година откако ова решение го прогласивте за привремено, при што се заложивте дека ќе барате да се изнајде трајно решение кое нема да му пречи никому, реагираат од велосипедската иницијатива НаТочак.

Од иницијативата велат дека контејнерите поставени на велосипедски патеки се опасни за велосипедистите, креираат хаос бидејќи често се остава ѓубре и покрај нив кое што ѓубре завршува на велосипедските патеки и го уништуваат и она малку од пристојна велосипедска инфраструктура што го имаат.

„Во делови од Скопје контејнерите се поставени на мешани велосипедско-пешачки патеки, и таму просторот во кој што треба да се разминат пешаци и велосипедисти е субстандарден. На делови ја загрозуваат прегледноста за сите учесници во сообраќајот“, реагираат од вело-иницијативата.  

Во таа насока, го прашуваат градоначалникот дали има точна и прецизна временска рамка до кога ова решение ќе биде привремено? Исто така, прашуваат дали може во јавноста да го презентира прогресот од изнаоѓањето на трајно решение и што конкретно е направено за ова до сега?

Инаку, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, пред два дена објави дека е поминато една година од новиот концепт за третман на комуналниот отпад во главниот град. За една година, вели тој, поставени се точно 318 нови контејнери за комунален отпад од 3200 литри, на 157 локации во општините Аеродром, Центар, Карпош, Чаир и Ѓорче Петров кои заменија околу 900 од старите контејнери. Од нив опожарени биле 11 контејнери и истите заменети со нови.

„Контејнерите кои се произведени согласно најновиот технолошки стандард применет во Европа беа поставени на локации каде што просторните услови го дозволија тоа. За локациите каде што има различни просторни услови работиме на тестирање на нови решенија кои ќе бидат оптимални за тие локации. Реакциите од граѓаните кои стигнуваат до мене поврзани со употребата на овие контејнери се главно позитивни. Но, сакам да го прочитам и вашето мислење кое искрено ми значи. Колку повеќе различни мислења, толку поквалитетни одлуки ќе носиме за средините во кои живееме, за целиот град. За нашето Скопје, една поинаква приказна. Повелете“, напиша Шилегов на социјалните мрежи.