[Фото] ЈП „Плаваја“: Вандалите не се свесни дека загадените земјоделски производи може да завршат на трпеза

Јавното претпријатие „Плаваја“ од Радовиш реагира за вандализмот, самоволието и неодговорното однесување кон околината, вклучувајќи ги дури и подземните инсталации за фекални води, за кои, велат тие, им нема крај.

„Замислете каква култура и желба треба да поседува човек или организирана група на луѓе во период од 72 часа двапати да го затнуваат намерно колекторот за фекални води од населбата Раклиш кон пречистителната станица“, соопштуваат од претптијатието, објавувајќи и фотографии со сето она што е фрлано во шахтата и е затнат цевководот.

 

Вработените во Одделението за канализација на ЈП„Плаваја“, велат од таму, со натчовечки напори и во тешки услови, при тоа поседувајќи најсовремена механизација и опрема за таа намена, едвај успеваат да го одзатнат колекторот кој поради затнувањето почнува да се излева од првата најблиска шахта. Со тоа, нагласуваат, ги поплавува со фекалини води земјоделските површини на кои луѓето се мачат да произведат пиперки, патлиџани, бостан и други земјоделски култури за да ги прехранат своите фамилии.

„Вандалите не се свесни дека таквите загадени земјоделски производи можеби завршуваат и на нивните трпези полни со нечиста и загадена фекална отпадна вода. Од ваквите дејанија најголеми штети трпат токму земјоделците чиј труд е напразен со уништувањето на нивните посеви“, забележуваат од претпријатието.

ЈП„Плаваја“ ги известило сите надлежни органи и институции во општина Радовиш со намера вандалите да бидат откриени и да ја добијат заслужената казна.

„Претставници на институциите и органите беа на лице место ја увидоа состојбата ја очекуваме нивната брза реакција и очекуваме вандалистите да бидат откриени! Се обврзуваме дека јавно ќе ги објавиме вандалите штом се откријат, а со цел да бидат осудени, пред се’ од вас нашите корисници и од целата јавност!“, се вели во реакцијата на ЈП „Плаваја“.