[Фото] Извидници и мештани од струшко Вишни го претворија старото школо во нов младински центар

Извидничкиот одред „Крсте Јон“ од Струга заедно со мештаните од село Вишни го пренаменија старото школо во нов младински центар. Внесувајќи го духот на младинскиот активизам, старите ѕидови овој пат ќе станат дел од едно ново катче за младите кои го посетуваат овој регион.

Акцијата беше поддржана од Национален младински совет на Македонија во рамки на кампањата Мрдни со прст.

Иницијативата започна со подготовки две недели пред главниот настан со собирање на материјали и ангажирање на волонтери и информирање на локално население со цел нивно вклучување.

„Околу педесет волонтери меѓу кои и членови на извиднички одреди од Франција и Белгија помогнаа во реадаптацијата на школото кое со години беше напуштено и нефункционално. На ваков начин, не само жителите на Вишни и околината, туку и сите млади авантуристи кои се одлучиле да го посетат овој регион ќе имаат место каде можат да навратат“, велат од НМСМ.

Главната цел на кампањата е да се подигне јавната свест за различните можности за општествени промени кои се во доменот на секој поединец, како и да се понудат идеи и можности за придонес кон специфични активности во рамките на заедницата во кои граѓаните можат да се вклучат поединечно, но и колективно.