[Фото] Импровизирани полицајци пред училишта во Тетово за поголема регулација на сообраќајот

Активисти од неформалната активистичка група „Тивка револуција“ денеска спроведоа акција пред основните училишта во Тетово посветена на прашањето како да се регулира сообраќајот пред училиштата.

Тие пред училиштата поставиле импровизирани полицајци со пораката „Јас сум полицаецот кој се грижи за безбедноста на децата на патот“, а оттаму додаваат дека учениците во соработка со „сообраќајната полиција“ учеле да минуваат низ пешачките зони кои се во радиус на нивното училиште.

„Слабото обележување на пешачките премини во училишните зони и паркирањето на тротоар или пешачки премини го попречува движењето на децата и ги насочува децата да се движат кон улицата и коловозот. На тој начин всушност директно се загрозува безбедноста на децата во сообраќајот. Исто така, неправилното паркирање ги прави децата невидливи помеѓу возилата и нивното преминување на улица го прави крајно опасно“, стои во соопштението на групата.

Активистите посочија дека акцијата е изработена без никаков директен контакт на членовите на групата, односно дека таа е работена етапнo и секвенцијално од страна на различни автори.