[Фото] „Допри ме“ – уметничка акција посветена на малата Ембла

Неколку активисти денеска во центарот на Скопје на своите тела носеа натписи „И јас имам Даунов синдром, те молам допри ме“. Оваа уметничка акција тие ја посветија на малата Ембла од Гостивар, која беше отфрлена од средината во која учи поради тоа што е лице со Даунов синдром.

Тие жалат што за време од неколку часа додека траела акцијата, од околу 3000 минувачи кои поминале во непосредна близина на активистите, само поразувачки 3% или нешто помалку од 100 луѓе оствариле контакт, односно ги допреле активистите.

Според нив, случај со Ембла потсетува на нетолерантноста на сите кон она што е различно.

„Овој случај мора да нè потсети и на стотиците други деца и возрасни кои секојдневно се соочуваат со слични ситуации, но не на очиглед на јавноста“, велат активистите.

Тие се надеваат дека преку акцијата ќе остварат директен контакт со граѓаните и ќе ја сензибилизираат јавноста за овој проблем. Најавуваат дека по Скопје, деновиве акцијата ќе биде спроведена и во уште неколку градови низ Македонија.