[Фото] Дел се враќаат дома, другите остануваат во Извидничкиот центар – охриѓани стравуваат од земјотресите

Извидничкиот центар во Охрид веќе четири дена нуди престој за граѓаните чии домови се оштетени од серијата земјотреси, но и за оние кои не се чувствуваат безбедно.

Дел веќе се охрабруваат да се вратат во своите домови, останатите пак, се уште чувствуваат страв од некој нов силен потрес, како што беше тој од 5,1 степени по Рихтер пред три дена.

„Кај нас има оштетувања, станот ни е испокршен. Потреси има секој ден, но планираме уште ден-два да останеме во кампот. За понатаму ќе видиме“, вели охриѓанката Гордана.

Таа вели дека е среќна за помошта што ја добиваат од извидниците.

„Првата вечер бевме околу 120 луѓе, имаше доста што преспаа и со свои комбиња. Бидејќи немавме свој шатор, во пресрет ни излегоа извидничката група од Кочани, кои ни дадоа нивен шатор. Уште тресе, некои се вратени, некои се уште ноќно време спијат по коли“, рече таа.

Потресите во Охрид траат веќе 19 дена, а од 18 јуни до денес биле регистрирани повеќе од 1000 потреси.

Дојдени сме од понеделникот. Во зградата каде живееме падна и се скрши стаклото и кровот. Се исплашивме. Кај ќерка ми, тие се на втор спрат, испукаа ѕидовите“, опишува друга охриѓанка која во кампот е со своите внуци.

Извидничкиот центар се уште нуди сместување во нивните поголеми шатори кои можат да сместат повеќе луѓе, а и стојат на располагање со простор  доколку некој сака да дојде со сопствен шатор.

Покрај него, од вчера и воениот камп „Васко Карангелески“ во Свети Наум ги отвори вратите.

Пријавите за сместување во Извидничкиот центар може да се направат на телефонскиот број 071 296 512, лице за контакт -Виктор Петрушевски, додека за воениот камп граѓаните може да се обратат на бројот 070403392 и да го побараат Ристе Спасовски, раководител на секторот за услуги, туризам, одржување и возен парк во Министерството за одбрана.

Мартин Колоски