Фон дер Лајен: Климатските промени се дело на човекот, потребни се технологија и пари за да се справиме со нив

Климатските промени се дело на човекот, што значи дека ние можеме да се справиме со овој предизвик, за што ни е потребна технологија и ни требаат финансии, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето на сесијата „Една земја“ на Самитот на Г20 во Њу Делхи, пренесува Мета.

„Само земјите од Г20 учествуваат со 80 отсто во емисиите на стакленички гасови. Од друга страна, на Африка отпаѓаат помалку од 4 проценти од емисиите на стакленички гасови, но таа е меѓу најпогодените од климатските промени, рече Фон дер Лајен.

Таа додаде дека останува обврската да се обезбедат 100 милијарди долари за оваа година за финансирање на проекти за справување со климатските промени. ЕУ во тоа финансирање во 2021 година учествувала со 27 милијарди долари.

Фон дер Лајен исто така рече дека ЕУ успеала да ги намали емисиите на штетни гасови за 35 проценти, но дека на глобално ниво светот се уште е далеку од остварување на поставените цели.

„Науката ни кажува дека нема да ја оствариме нашата цел да го ограничиме глобалниот раст на температурата на 1,5 степени. Ако сакаме да ја достигнеме нашата цел за ограничување на зголемувањето на температурата на 1,5 степени, треба тројно да ја зголемиме употребата на обновлива енергија и да ја удвоивме енергетската ефикасност до 2030 година. Се гледа само она што е мерливо, ние го знаеме тој принцип, додаде Фон дер Лајен.

Таа најави дека само во следните пет години, преку својата програма „Глобална порта“, ЕУ ќе инвестира најмалку четири милијарди евра во обновливи извори на енергија во земјите во развој, потенцирајќи дека за справување со климатските промени потребно е да се привлече „многу приватен капитал“.

Мета