Синдикати во ЕУ побараа да се воведе максимално температурно ограничување за работниците на отворено

Синдикати ја повикаа Европската комисија (ЕК) да воведе максимални температурни ограничувања за работниците на отворено, откако три лица починаа додека работеа во Мадрид за време на минатонеделниот топлотен бран, јавува Еурактив.

Додека неколку земји имаат законодавство за ограничување на работното време при прекумерна топлина, праговите варираат, а многу нации немаат ограничувања на национално ниво.

Според истражувањата на анкетната агенција „Eurofound“, 23 отсто од сите работници во ЕУ биле изложени на високи температури четвртина од времето. Таа бројка се зголемува на 36 отсто во земјоделството и индустријата и 38 отсто кај градежните работници.

Претходните истражувања ги поврзуваа високите температури со неколку хронични состојби и зголемен ризик од повреди на работното место.

„Работниците се на првата линија на климатската криза секој ден и им треба заштита за да се спротистават на постојано растечката опасност од екстремните температури“, рече Клаес-Микаел Стал, заменик генерален секретар на Европската конфедерација на синдикати (ЕТУЦ).

Оттаму посочија дека повеќето земји на ЕУ немаат законска регулатива за максимална температура за работните места, иако Белгија, Унгарија и Латвија имаат ограничувања во однос на тоа.

Во Франција, каде во моментов нема ограничувања, од синдикатот соопштија дека 12 работници починале поради изложеност на топлина само во 2020 година.

Во Шпанија пак, каде минатата недела тројца работници починаа од екстремните горештини, има температурни ограничувања, но само за одредени професии.