Казни до 750 евра во Франција за фирмите кои имаат отворени врати додека работи клима уредот

Француската министерка за енергетска транзиција Ањес Паниер-Рунашер во неделата изјави дека продавниците во земјата ќе мора да ги затворат вратите кога користат клима уреди и да ја намалат употребата на неонски светла за да ја намалат потрошувачката на електрична енергија, пренесува Данас.

Вакви правила веќе се воведени во одредени делови на Франција, а министерката во интервју изјави дека наскоро правилата ќе важат и низ целата земја.

Продавниците кои ќе вклучат клима уреди додека им се отворени вратите ќе бидат казнети со 750 евра.

„Апсурдно е да ги оставите вратите отворени додека просторот е климатизиран“, рече Паниер-Рунашер.

Министерката изјави дека во наредните неколку дена ќе донесе два декрети за непотребната потрошувачка на енергија.

„Прво, ќе забраниме користење на светлечки реклами, секој ден од 1 до 6 часот, без разлика на големината на градот во кој се наоѓаат компаниите. Второ, ќе им забраниме на продавниците да ги отвораат вратите додека ги ладат или загреваат просториите“, изјави министерката.

Забраната за употреба на светлечки реклами, главно неонски, веќе е на сила во градовите со помалку од 800.000 жители. Истовремено, забраната не се однесува на аеродромите и станиците за јавен превоз.

Британската мултинационална компанија за нафнта и гас „Шел“ соопшти дека не е невозможно Европската Унија да воведе ограничувања за користење на енергијата. Како и поголемиот дел од Европа, Франција моментално е под влијание на топлотен бран, што доведе до зголемување на потребата од климатизација.