„Flaming Lips“ одржа концерт со публика во пластични меури за да се спречи ширењето на Ковид-19

Бендот „Flaming Lips“ изненади со својот начин на одржување концерт во Оклахома. Тие организираа два настапи каде присутните и музичарите го следеа концертот од пластични меури за да спречат потенцијално ширење на Ковид-19.

Идејата била на фронтменот на групата Вејн Којн, кој дури и пред пандемијата користел меури на надувување за да се нурне во публиката. Првично го замислувал како шега, но потоа сфатил дека тоа може навистина да им послужи.

Бендот нарачал меури од Кина за октомврискиот настап во театарот „Критерион“ во Оклахома Сити. Првиот кат на просторот бил исполнет со околу 300 посетители затворени во пластичните меури.

Меурите ја држат публиката оддалечена на безбедно растојание, а Којн истакна дека секој меур се чисти со половина литар средство кое содржи 70% алкохол.

Бендот требаше да одржи уште еден ваков концерт во декември, но настапите беа одложени поради порастот на случаите на коронавирус во државата. Концертите беа презакажани за минатиот петок и сабота, кога местото повторно беше исполнето со 100 меури на надувување, секој со до три лица внатре.

Меурите содржат доволно кислород за да дишат три лица „повеќе од еден час и 10 минути“ пред да бидат освежени. Секој меур има звучник внатре, така што звукот на групата не е пригушен, како и вентилатор, вода и крпа за да се избрише кондензацијата. Доколку посетителите требало да го напуштат својот меур, тие имале знак „Морам да мочам / жешко е  тука“ и член на персоналот ги придружувал до бањата носејќи маски.

Посетителите го напуштиле местото тркалејќи ги меурите до излезот, потоа ги ставиле своите маски и го распакувале пластичниот меур за да го напуштат местото.

Според државниот здравствен оддел, Оклахома регистрирала 374.853 случаи на Ковид-19 и 3.293 смртни случаи. Државата во моментов обезбедува вакцини за здравствените работници и жители над 65 години.