Финска е најсреќна земја во светот, Северна Македонија на 84 место од 156 држави

Северна Македонија се најде на 84-тото место од 156 земји на светот според новиот извештај „Среќата во светот 2019“, што претставува пораст од пет позиции во однос минатогодишното рангирање.

Овој резултат сепак е меѓу најлошите во регионот. Земјава се наоѓа зад Словенија (44 место), Косово (46), Србија (70), Црна Гора (73), Хрватска (75), Босна и Херцеговина (78), Турција (79) и Грција (82), додека подобро е позиционирана од Бугарија (97 место) и Албанија (107).

Северна Македонија најдобро стои според параметрите за животен век и великодушност, додека најлошо е рангирана според слободата за носење животни одлуки и перцепцијата за корупција.

Индексот, кој се објавува на 20-ти март, Меѓународниот ден на среќата, ги мери субјективните чувства на граѓаните, преку визуелната „Скала на Кантрил“, едноставно прашање за тоа колку тие се чувствуваат среќни и зошто. Секоја година, повеќе од илјада луѓе во преку 150 држави од светот одговараат на прашањето – каде тие лично сметаат дека се наоѓаат според моменталната ситуација во животот – на скала од 0 до 10.

Северна Македонија има резултат од 5,274 на овогодишната листа. Најсреќни се граѓаните од Финска со 7,769 поени, додека најнесреќни се жителите на Јужен Судан со 2,853 поени на оваа скала.

Меѓу првите пет најсреќни земји во светот се уште и Данска, Норвешка, Исланд и Холандија. На дното на листата се наоѓаат и Централноафриканската Република, Авганистан, Танзанија и Руанда.

Северна Македонија се најде високо на листата на промени во среќата меѓу граѓаните од периодот 2005-2008 година, до периодот 2016-2018 година. Таа е 17-та земја во светот според позитивната промена, со подобрување на просечното чувство на среќа за 0,780 на оваа скала. На врвот според промената на среќата меѓу граѓаните во овој период се наоѓа Бенин, додека на дното е Венецуела со најголем пад според скалата.

Ова е седми пат како се објавува извештајот „Среќата во светот“, кој го објавува Мрежата за одржив развој на Обединетите Нации. Извештајот покрај субјективните перцепции, се обидува да ја анализира статистиката со поважните мерливи фактори за да објасни зошто некоја држава е посреќна од останатите. Субјективните резултати се ставаат во контекст на економската моќ, социјалната поддршка, животните очекувања, слободата на избор, великодушноста и перципираната корупција.