Филипче: Само преку вакцинација може да се искорени и победи Ковид-19

Граѓаните мора да се свесни дека само преку вакцинација може да се искорени и победи болеста и тоа е единственото сигурно оружје против Ковид-19 вирусот, ова го порача денеска министерот за здравство Венко Филипче во гостување на утринска програма на националната телевизија.

Истовремено, тој посочи дека сите вакцини кои ќе пристигнат во земјава ќе бидат, како што кажа, целосно безбедни, а граѓаните посочи дека може да имаат целосна доверба во процесот на вакцинација.

„Вакцинирањето е сериозен и проверен процес. Вакцините се развиени на безбедни и проверени платформи на кои што досега се развиваа и сите други вакцини. Една вакцина која ќе ја помине процедурата на одобрување од европкасата и американската агенција за лекови, како на пример вакцината на Фајзер, е со сигурност безбедна вакцина затоа што проверките, критериумите и условите на овие две агенции се многу строги“, рече Филипче.

Филипче исто така потенцираше дека се охрабрувачки резултатите од истражувањето кое било спроведено со здравствените работници, а кое покажувало дека над 60% од нив би се вакцинирале против Ковид-19.

„Исклучително висок процент на здравствени работници се заинтересирани да ја примат вакцината и тоа е добар сигнал за сите граѓани. Здравствените работници беа на првата линија во борбата и знаат колку е опасен вирусот, доколку тие се вакцинираат тоа ќе влее поголема доверба и кај граѓаните“, рече Филипче.

Министерството пред два дена соопшти дека првите 5.850 дози на вакцини од компанијата „Фајзер“ се очекува да стигнат во февруари. Истовремено, оттаму посочија дека потоа ќе следува пратка со поголема количина во март и во април, додека динамиката за целата 2021 година, како што рекоа, дополнително ќе се утврди.