Филхармонија и кино на отворено – настап на Африканецот Феми Кути и проекција на „Исцелител“

Африканската ѕвезда Феми Кути со Македонската филхармонија ќе настапи на 7 јуни во Градскиот парк во Скопје, а еден ден претходно ќе се проектира филмот „Исцелител“ на македонскиот режисер Ѓорче Ставревски.  Настанот под отворено небо го организираат Македонската филхармонија, Кино Милениум и Град Скопје.

Во среда на 6 јуни, во Градскиот парк во 21 часот, е најавен настанот „Кино на отворено“, на кој ќе биде прикажан повеќенаградуваниот македонски филм на Ѓорче Ставрески „Исцелител“.

Македонската филхармонија пак по завршувањето на официјалната концертна сезона, ќе го реализира настанот „Филхармонија на отворено“, со нигериската музичка ѕвезда Феми Кути. На спектакуларниот музички настан на 7 јуни (четврток) во Градскиот парк во 21 часот, со Македонската филхармонија и под диригентство и во аранжмани на Џијан Емин, ќе настапи славниот африкански вокалист кој доаѓа со неговиот бенд „Позитив форс“. Дел од неговата музика, за првпат во светот, ќе биде изведена, односно аранжирана за симфониски оркестар.

Нигерискиот исклучителен музичар Феми Кути (роден во Лондон) пред се е познат како најстар син на пионерот на афробитот, големиот Фела Кути. Но, и покрај тоа што тој ја продолжува звучната патека која што ја трасираше неговиот татко, Феми Кути создаде сопствен израз на музицирање кој го прави автентичен и единствен. Неговите почетоци со музиката се од раните 80-ти години и секако се врзани со легендарниот Фела Кути и членувањето во неговиот бенд „Египет 80“.

Во 1995 година, Феми го издаде својот прв албум и од тогаш концертира ширум светот и особено е познат и впечатлив по неговите настапи во живо. Во 2010 година, го издаде извонредниот албум „Africa for Africa“, за кој двата пати беше номиниран за престижната награда „Греми“. Со миксот од т.н. енергетски набиен фанк, џез, реге и традиционални африкански ритми, во неговите песни Феми Кути зборува за политичката корупција, сиромаштијатата, лошите животни услови во родната Нигерија, како и во светот, диктаторскиот режим… Неговата музика се занимава со политичкиот и социјалниот аспект на живеење, со општествениот ангажман, носи силни пораки и токму тие се врзивната точка меѓу таткото и синот. Феми Кути всушност, ја следи сличната филозофија на она што го втемели Фела Кути и затоа неговата музика инспирира, и има за цел да го промени и да го мотивира африканскиот народ.