Фестивал на уличната музика во Скопје на седум локации од 21 до 24 јуни

На седум локации низ главниот град годинава ќе се одржува Фестивалот на уличната музика од 21 до 24 јуни.

Со  концепт кој го нуди годинава, целта е, на граѓаните да им се овозможи на улиците и во своите маала да слушнат квалитетна музика, која инаку ја има само на официјалните сцени и во концертните сали.

За време на фестивалот посетителите ќе можат да  слушнат  Rock and Roll, Jazz, Bossa Nova, етно, класична и филмска музика. Покрај тоа ќе настапат и специфични состави со француски шансони, еврејска музика и хорско пеење. На репертоарот ќе биде застапена авторска музика, но и преработки на познати песни. Во исто време, присутните, особено помладите, ќе можат да се запознаат со различни музички инструменти, некои од нив и многу ретки и несекојдневни.

Изведувачите, каде се вбројуваат познати уметнички имиња, но и аматери, се избрани по пат на конкурс, од страна на селекторот на фестивалот. Ќе учествуваат вкупно 24 артисти, групи и ансамбли.

Локациите на кои ќе се одржува фестивалот се: Плоштад Македонија, Градски Парк, ТЦ Лептокарија, Паркот кај авиончето во Ново Лисиче, Плоштад Скендербег, платото пред Универзална сала и Боемска улица. Настапите ќе започнуваат во три термини: од 18:00, 20:00 и 22:00 часот, а на последниот ден од фестивалот настапите ќе почнат во 12:00 часот.

Ко-организатор на фестивалот е Конгресен центар Александар Македонски, а покровител е Град Скопје.