Фејсбук утре ќе ги извести корисниците кои биле злоупотребени од Кембриџ Аналитика

Преку нотификации на нивниот профил, Фејсбук утре (9 април) ќе ги информира сите корисници чии податоци беа злоупотребени во скандалот Кембриџ Аналитика. Притоа ќе им се обезбеди и линк, за да видат кои апликации ги користат, и до какви информации тие имаат пристап.

Бројката порасна на 87 милиони Фејсбук корисници ширум светот, повеќето во Соединетите Американски Држави, а 2,7 милиони во ЕУ, кои се жртви на нелегалното споделување на нивните лични податоци со фирмата Кембриџ Аналитика за политички цели.  Информацијата ја обелодени свиркач и поранешен вработен на Кембриџ Аналитика, а беше потврдена од страна на Фејсбук.

Корисниците чии лични податоци биле искористени се оние кои ја симнале апликацијата “thisisyourdigitalife“, но креаторите на оваа апликација преку нејзе имале пристап и до податоците на мрежата пријатели на оние кои ја користеле апликацијата. Па, така во Белгија комисијата за заштита на лични податоци информираше дека преку 8-те Белгијци кои ја симнале апликацијата, Кембриџ Аналитика успеал да собере лични податоци на над 60.000 Белгијци. Слична е пропорцијата во другите земја на ЕУ.

Европските комисии за заштита на лични податоци треба на 10 април да се состанат во Брисел и да го координираат одговорот на овој скандал. Свиркачот Кристофер Вајли сведочеше пред британскиот парламент и изјави дека е веројатно Кембриџ Аналитика да влијаела врз исходот од референдумот за Брегзит во 2016 преку информациите кои ги собрала преку својата апликација на Фејсбук.

Европските институции се под притисок по обелоденувањето на овие информации, со оглед на тоа дека во 2019-та треба да се одржат новите европски избори.