Фанк Шуи ќе настапуваат на „HEMI live music sessions“

Онлајн настап на 9-те финалисти на „HEMI“ музичките награди ќе се одржи на 23 мај (недела). Меѓу настапувачите е и македонскиот бенд Фанк Шуи.

За време на настанот, финалистите ќе се претстават со песна по сопствен избор, а публиката и судиите ќе имаат шанса подобро да ги запознаат преку интервјуа со секој од финалистите. Потоа, ќе бидат одредени трите победници.

Покрај Фанк Шуи, финалисти се и Thom Artway (CZ), I Wear* Experiment (EE), Deaf Radio (GR), Woodstock Barbie (HU), Dogs in Kavala (RS), Izzy and the Black Trees (PL), Lucia (RO), Koala Voice! (SI).

Тие периодов посетија персонализирани сесии и професионални тренинзи од страна на ментори – експерти во областа на музичката индустрија, кои работат со компании и фестивали како што се Spotify, Songtrust, Google, !Κ7, Sziget, MENT Ljubljana, A38 Ship, Sony/ATV.

Менторите го пренесоа своето знаење и искуство преку вкупно 50 персонализирани сесии на теми како што се издаваштво, монетизација, рекламирање, букинг, ПР, маркетинг, турнеи, како и изработка на плејлисти.

Од вкупно 285 европски таленти од Централна и Југоисточна Европа, жирито првично избра 27 бендови од 9 држави, меѓу кои од Северна Македонија беа избрани Плутос Даутс, Фанк Шуи и Ју. Во вториот круг продолжија Фанк Шуи, заедно со уште осум европски бендови.

Меѓународното жири на Центарот за размена на музички иновации „ХЕМИ”, составено од организатори на фестивали, промотори, менаџери, продуценти и музички новинари може да се погледне тука.

ХЕМИ музичките награди е нова програма, наменета за талентирани музички изведувачи кои се подготвени да развијат меѓународна кариера и да ја пласираат својата музика на европско ниво.

Таа е организирана од Центарот за размена на музички иновации – европска иницијатива која има за цел поддршка на изведувачи и професионалци во музичкиот бизнис од Чешка, Естонија, Грција, Унгарија, Северна Македонија, Полска, Романија, Србија и Словенија.

Иницијативата е поддржана од програмата Креативна Европа на Европската Унија.