Европските комесари потрошиле половина милион евра на патни трошоци за два месеци

Посета на Баку, Азербејџан, која чинела 75 000 евра е најскапото патување направено од европски комесар во првите два месеци од 2016 година, според патните трошоци што ги објави белгискиот магазин „Кнак“, а пренесува Политико.

Во тие два месеци, комесарите потрошиле приближно 500 000 евра на 261 официјални патувања, покажуваат анализите на магазинот. Според нив, трошоците за сместување и транспорт воглавно биле скромни – најскапото преноќување е во етиопискиот главен град Адис Абаба, кое чинело 629 евра.

Трошоците се зголемувале кога комесарите користеле чартер летови – што се случува кога Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Фредерика Могерини направила трошок од 75 000 евра за патувањето во Баку.

Во анализите за трошење се споменуваат и претседателот на Европската Комисија Жан-Клод Јункер за својата дводневна посета на Рим во февруари 2016 година, што чинела 27 000 евра, како и турнејата во повеќе држави, меѓу кои Сомалија и Турција, на комесарот за хуманитарна помош, која вкупно чинела 11 000 евра.

Ова е првпат трошоци од ваков вид и обем да бидат јавно обелоденети, а Комисијата се обидела да го спречи нивното откривање. Документите за патни трошоци се побарани од шпанската невладина за транспарентност Access Info, откако организацијата три години претходно се препирала со Комисијата за тоа кои и колку документи може да добијат. Тие се уште се обидуваат да откријат извештаи за претходни години.

„Ние само побаравме основни информации за тоа како Комисијата ги користи јавните фондови. Секој даночен обврзник има право да знае како неговите пари се трошени“, изјави Хелен Дарбишир, директорка на организацијата.

Според Комисијата, јавното објавување на патните трошоци за изминатата година создава „прекумерно административно оптоварување“ и дека европската институција е веќе „најконтролираната организација во светот“, со тоа што мора да ги доставува нејзините трошоци до Европскиот Парламент и Европскиот суд за ревизија.

Гинтер Отингер, комесарот за буџет, минатата година беше критикуван за користење на приватен авион до Будимпешта на покана на унгарскиот миистер Виктор Орбана. Авионот е во сопствеништво на Клаус Манголд, проруски германски бизнисмен и лобист.

Портпаролот на Комисијата Мина Андреева изјави дека патувањето на Јункер за Рим вклучувало воздушно-такси бидејќи претседателот на Комисијата патувал со уште девет луѓе и дека немало соодветни комерцијални летови.