Европските држави бараат научните трудови финансирани со јавни пари да бидат бесплатни за пристап

Многу научници се согласни со идејата дека јавно финансираните научни истражувања треба да бидат достапни за секого, а не да бидат затворени за јавноста во скапи списанија. Иако овој принцип на „отворен пристап“ станува сè попопуларен последниве години, работата на поголемиот дел научници останува затворена преку платени претплати на интернет сајтовите.

Магазинот Економист, во својот последен број, пишува дека оваа реалност може да се промени преку радикална европска иницијатива објавена на почетокот на месецов.

11 европски земји, помеѓу нив и Велика Британија, Франција и Холандија, го поддржале „Планот С“, иницијатива на „Наука Европа“ (Science Europe), чадор организација на повеќе донатори на научни истражувања од Европа. Планот предвидува научниците кои имаат придобивки од националните фондови за финансирање истражувања, од 2020 година да ги објавуваат своите трудови само во списанија кои се отворени за јавноста, или се јавно достапни на интернет.

Ова би значело дека ваквите научни трудови не би можеле да се објавуваат во 85% од научните списанија, меѓу кои и некои од најугледните, како „Природа“ (Nature) и „Наука“ (Science).

„Профитирањето од пристапот до новите и возбудливи резултати од истражувањата е целосно во спротивност со научниот етос“, смета Марк Шулц, претседателот на „Наука Европа“.

Не е изненадувачки што „Планот С“ не бил најдобро примен од самите издавачи на научни трудови.

„Оваа политика потенцијално го поткопува целосниот систем на издавање научни списанија“, сметаат од „Спрингер Нејчр“ (Springer Nature), кои издаваат повеќе од 3.000 списанија, помеѓу нив и „Наука“.

Американската асоцијација за прогрес во науката (АААС), која го издава списанието „Наука“, вели дека ваквиот потег може да „ги наруши академските комуникации, да одмогне на научниците и да ја наруши академската слобода“.

Сосема спротивен став има Роберт-Јан Смитс, претставник за слободен пристап на Европската Комисија, кој силно се залага за „Планот С“. Според него планот по краток период би оневозможил и објавување во „хибридните“ списанија, кои се бесплатни на интернет, но само доколку авторите на научниот труд платат одредена сума на пари (за другите трудови потребна е претплата на читателите). Издавачите тврдат дека ваквиот модел помогнал во формирање на списанија со претплата како чекор пред целосно слободен пристап. Критичарите, пак, сметаат дека „хибридите“ на овој начин само ги подигнале профитите со дозвола дел од списанијата да наплаќаат и на научниците и на библиотеките за претплатата.

„Планот С“ сè уште е далеку од усвојување, но Економист пишува дека моментумот е на страна на реформаторите. „Хоризон Европа“, седумгодишната програма за научни истражувања на Европската Унија вредна повеќе милијарди долари, која ќе започне во 2021 година, има слични заложби со „Планот С“.

Смит планира во октомври да лобира и до американските фондови за финансирање да ја прифатат нивната реформа. Доколку успее, ерата на научни списанија со претплата, која започнала во 1665 година, може да заврши.