Европска недела на тестирање за ХИВ – Секој ден тестирање во Младинскиот центар на ХЕРА

Од 20 до 27 ноември, под мотото „Тестирај. Лекувај. Превенирај“, се одржува Европската недела на тестирање за ХИВ, кон која веќе седма година по ред се приклучува и здружението ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, заедно со неколку стотини организации од 53 европски земји, со цел да се зголемат пристапот и свесноста за важноста од тестирањето за ХИВ.

„Во фокусот на годинешната кампања е еден малку познат факт за ХИВ кај нас: Н = Н, недетектабилно е еднакво на непреносливо. Тоа значи дека луѓето кои живеат со ХИВ и редовно примаат терапија, имаат недетектабилно ниво на вирусот во крвта. Односно, дека вирусот во крвта се намалил до степен што не може да се детектира, со што целосно се спречува преносот на ХИВ по сексуален пат, дури и кога не се користи заштита (кондом). Така, самата терапија за ХИВ, всушност, претставува еден од најефективните начини на превенција на ХИВ“, велат од ХЕРА.

Со цел да го направат тестирањето за ХИВ подостапно и да ги охрабрат граѓаните да го дознаат својот ХИВ-статус, во рамките на годинешната Европска недела на тестирање за ХИВ, Младинскиот центар на ХЕРА „Сакам да знам” на Водно ќе обезбедува бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ со брзи тестови, секој работен ден од 16.30 до 20.30 часот и за време на викендот од 11.00 до 15.00 часот. За подетални информации и за закажување, можат да се јават на телефонскиот број 02/3176 950.

Тестирањата и советувањата за ХИВ се одвиваат согласно интерниот протокол на ХЕРА за закажување, прием и нудење на услуги на клиенти за време на здравствена криза со Ковид-19, при што се обезбедува заштитна опрема и за корисниците на услугите. За граѓаните е достапна и мобилната андроид апликација Направи ХИВ тест, преку која може да добијат информации поврзани со ризикот од пренос и заштитата од ХИВ, како и да ги дознаат сите локации низ земјата каде што може да се направи бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ. Апликацијата може бесплатно да се преземе на Google Play.

Од ХЕРА укажуваат дека денес се проценува дека од вкупниот број на луѓе кои живеат со ХИВ во државата, секој трет не е свесен дека е ХИВ-позитивен.