ЕУ започна со масовна вакцинација за Ковид-19 во „трогателен момент на единство“

Европската Унија денеска започна со координираната вакцинација против коронавирусот во акција која претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон Дер Лејен, ја нарече „трогателен момент на единство“.

Таа вчера соопшти дека вакцините од Фајзер и Бионтек се дистрибуирани до сите 27 земји членки, а дел од државите започнаа со вакцинацијата уште вчера со образложение дека не се подготвени да чекаат уште еден ден.

Останатите земји членки се очекува да започнат да го вакцинираат своето население во теков на денот.

„Денеска ја вртиме страницата од оваа тешка година. Ковид-19 вакцината е доставена до сите ЕУ членки. Деновите на вакцинација во ЕУ е трогателен момент на единство. Вакцинацијата е долготраен излез од пандемијата“, вели Фон Дер Лејен во видео обраќањето на социјалните мрежи.

ЕУ соопшти дека досега обезбедиле повеќе од 2 милијарди дози на вакцините од повеќе различни фармацевтски компании.

Досега во ЕУ се регистрирани повеќе од 335.000 смртни случаи поврзани со Ковид-19, а повеќе од 14 милиони луѓе беа заразени од вирусот.

Низ безмалку сите членки на Унијата во моментов се на сила строги мерки за заштита од ширењето на вирусот.