„Еластично насилство“ – самостојна изложба на Јован Јосифовски

Од 8 до 17 јуни во КСП Центар Јадро ќе биде отворена самостојната изложба „Еластично насилство“ на младиот уметник Јован Јосифовски, преку чии дела се отвораат прашања за проблемите со кои се соочува квир заедницата.

Изложбата официјално ќе се отвори на 8 јуни во 20 часот, во рамки на фестивалот Викенд на гордоста, а нуди поинаква перспектива на чинот, последиците и асоцијацијата за семејното/физичкото насилство врз квир мажите кај коишто изразувањето на сексуалната ориентација и ненормативниот родов израз се видливи уште од рана возраст.
Јосифовски кој е од Ресен, вели дека како припадник на заедницата, темите за религијата и политиката го засегаат и лично
„ЛГБТИ заедницата кај нас е многу мала, а тоа што е видливо кај заедницата е уште помало, затоа што огромен дел од неа е закопана под патријархалните и конзервативните општествени норми. Сè што правиме го гледаат луѓе од нашиот круг и многу е тешко да се појави некој што е од другата страна и да види што се случува“, посочува тој.
Јосифовски се надоврзува дека во ваква средина, треба да се биде директен и конкретен, бидејќи метафоричното не се разбира.

Посочувајќи на затвореноста во помалите средини, младиот уметник истакнува дека изложби не треба да се одржуваат само во Скопје, туку и во другите градови, дополнувајќи дека изложби како неговата „Низ ножици“, во Ресен би предизвикала поинаква реакција.

Од организацијата на фестивалот, истакнуваат дека како референца во делата, Јосифовски овојпат ги користи насилните ситуации кои датираат од неговото детство.

„Во процесот на уметничко истражување поврзано со подготовката на оваа изложба, Јосифовски собира искуства и од двајца постари геј мажи коишто анонимно ги раскажуваат своите приказни, со што се обидува да воспостави и трансгенерациски релации како критички контрапункт на хомонормативните идеали на младоста, од една страна, и на линеарните наративи за прогрес кои гледаат со срам на минатите искуства на плакарот и ‘назадните чувства’ специфични за овие историски искуства“, велат од Викенд на гордоста.

Оттаму дополнуваат дека Јосифовски користи детски играчки, земјоделски алатки и обични перници за спиење во трите приказни во прво лице, каде насилството е асоцирано со конкретен предмет присутен во моментите на насилниот акт, како објект со кој се нанесуваат физички удари.

„Сите овие предмети создадени за очигледната употреба веќе одамна, добиваат нова функција и ново значење во просторот, како предмети кои засекогаш оставаат двосмислено значење во перцепцијата кај поединците. Инсталациите создаваат простор преку кој предметите се истакнуваат во физичкиот свет со своите нови улоги, доминирајќи го простор во кој нема ни место ни желба за нешто повеќе. На тој начин предметите стануваат фрагмент врзан за искуството на сопствената сексуалност, за казната, за релациите, за влијанието, за сѐ она добро што можело да се случи, а не се случило“, објаснуваат организаторите.

Јован Јосифовски (1993, Ресен) е дипломиран графичар, кој главно работи колажи и цртежи. Работи секојдневно, па така неговите дела претставуваат архивирање во слики на неговите мисли, стравови и ставови. Неговите колоритни и директни колажи обработуваат политички и религиски теми, а целат кон провокација и протест.