Елајџа Вуд во улога на диџеј на шестото издание на „Здраво млади“

Првиот потврден изведувач за шестото издание на фестивалот „Здраво млади“ е електронското дуо „Вуден виздом”, во кое е дел и американскиот глумец Елајџа Вуд, познат по улогата на Фродо од „Господар на прстените” на оскаровецот Питер Џексон. Неговиот настап заедно со Зак Коуви е најавен за 4 јуни.

Триесет и петгодишниот Вуд ќе настапи во рамки на фестивалот што го организира Младинскиот културен центар во Скопје. Тој е сопственик на издавачка куќа и има колекција од околу 4000 плочи. Во паузи од снимања, слободното време го користи за правење музика со својот другар Зак и патуваат ширум светот.

Дуото е познато по своите „класични фанк-соул теми, меланхолични стари инструментали, денс њувејв за шизење од 80-те”, се вели во најавата на МКЦ.

Вуд експериментира со електронска продукција уште од тинејџерските денови, а со диџејство се занимава од 2001 година. Придружба ќе им биде DJ Fitz, кој ќе пушта психоделична музика. Другите изведувачи и детали околу Здраво Млади следуваат наскоро.