Еко-свест: Градежните активности на Водно ја загрозуваат безбедноста на скопјани

Граѓаните на Скопје повеќе пати го искажаа своето незадоволство и револт за уништувањето на парк шумата Водно со градежни активности, нешто што се случува континуирано во последните десет години, соопштува Центарот за истражување и информирање за животнат средина „Еко-свест“.

Од таму посочуваат дека Парк шумата Водно е ерозивно подрачје кое било систематски пошумувано со децении за да спречи евентуално лизгање на земјиштето и уништување на населбите во нејзиното подножје.

Студијата за ерозија и акционен план за градот Скопје од декември 2017 изработена од Шумарскиот факултет во Скопје, опишува дека по Втората светска војна, токму по најголемите поплави во XX век, предизвикани од пороите од Водно, започнале активности за интензивна контрола на ерозијата на планината Водно, втора половина на XX век“, соопштува „Еко-свест“.

Ова значи, велат тие, дека било какво нарушување на Водно со инфраструктурни зафати и сеча е директно загрозување на безбедноста на жителите на Скопје од лизгање на земјиштето.

„Само за потсетување, при еден краток пороен дожд кој го зафати Скопје во 2016 година, граѓаните можеа да видат енормни количества на вода и гранки од дрвја кои течеа како река по булеварот Мајка Тереза. Истата година испукаа и потпорните ѕидови кај училиштето и населените места. При слично вакво невреме во 2016 година бевме сведоци и на човечки жртви. Изградениот пат кон Сончев Град се уште нема поминато технички прием поради напукнување и лизгање на земјиштето и тоа претставува дополнителен ризик за населението“, потенцира организацијата.

Еко-активистите дополнуваат дека сме соочени со најголемиот глобален проблем на денешницата – климатските промени кои имаат катастрофални локални последици особено за населението кое живее во земјите во развој како Македонија.

„Стратегијата за адаптација кон климатски промени на градот Скопје го идентификува Водно како опасност при порои и ја оценува урбанизацијата на Водно како проблематична. Оттука произлегува дека дополнителна инфраструктура на Водно може да направи многу проблеми и затоа заштитата на граѓаните од ерозијата и влијанијата од екстремните климатски настани треба да е на прво место“, изјави Невена Смилевска, координатор за клима и енергија во „Еко-свест“ и раководител на проектот „Да зборуваме за климатските промени“ финансиски поддржан од Европската Унија.

Во услови каде алтернативите за инфраструктурните проекти, како што е тоа гасоводот на Водно се реална и изводлива опција, „Еко-свест“ бара Владата и надлежните органи да ги преиспитаат своите намери и да направат анализа на кумулативните влијанија од сите досегашни и идни проекти на Водно.

„Оваа анализа треба да биде направена во насока на безбедноста и благосостојбата на луѓето, а не на економскиот раст и развој. Со оглед на фактот што Студијата за оцена на влијание врз животната средина на гасоводот не ги анализира овие влијание во целост, но и ги игнорира потенцијалните ризици во оперативната фаза на гасоводот, без да предвиди планови за итен одговор во случај на поплава или незгода, бараме од Министерството за животна средина и просторно планирање да побара ревизија на овој документ“, се вели во соопштението на „Еко-свест“.