Еко-свест: Ако целосно не се забрани движење со возила низ центар, бесплатен автобуски превоз нема да даде резултати за загадувањето

Сакаме да алармираме дека граѓаните на Скопје повеќе од 10 дена дишат воздух кој е екстремно загаден. Загадувањето ги преминува максималните граници препорачани од СЗО за повеќe од 10 пати што претставува сериозна закана за здравјето на сите, без разлика на возраста и здравствената состојба. Ова го потврди и студијата за проценки на влијанието на аерозагадувањето врз здравјето на граѓаните која ја изработи ИЈЗ и во која стои дека пикот на смртни случаи предизвикани од болести асоцирани со дишење загаден воздух се поклопуваат со пиковите на пм 2.5 честички во Скопје, стои во соопштението од Еко-свест.

Од таму ја поздравуваат веста од град Скопје за воведувањето бесплатен јавен превоз за граѓаните, меѓутоа истакнуваат дека доколку целосно не се забрани движење со автомобили во централното градско подрачје ваквата мерка сама по себе нема да постигне никакви резултати во насока на намалување на аерозагадувањето.

„Итно бараме да се превземат дополнителни активности и мерки за намалување на аерозагадувањето кои ќе бидат насочени кон сите чинители- граѓаните, приватниот и јавниот сектор подеднакво. Овие активности и мерки не може да ги спроведе само град Скопје ниту само Министерство за животна средина, потребно е вклучување и координирани активности на сите институции во државата“, соопштуваат од Еко-свест.

Потенцираат дека Еко-свест, Аналитика, Центарот за климатски промени, ОРТ, Македонски зелен центар, Реактор, и еколошкиот правник Александра Бујароска изработија детален план со мерки за справување со аерозагадувањето кој го презентиравме и во Советот на град Скопје и кој е се уште достапен за надлежните институции и јавноста на следниот линк.

„Ние во повеќе наврати истакнавме дека за да се справиме со проблемот со аерозагадувањето потребно е да се опфатат сите сектори. Потребен е хибриден и зачестен јавен превоз, шински урбан транспорт, фонд за енергетска ефикасност, диверзификација на изворите на енергија и насочување кон обновливи извори на енергија и зголемување на зелените урбани површини меѓу најважните“, велат активистите.

Исто така, напоменуваат дека Скопје не е единствен град со високо аерозагадување во светот, меѓутоа изминатава година беше високо на листата на најзагадени градови во Европа. Париз кој е исто високо на листата, неколку пати годинава воведе целосна забрана за движење на автомобили во градот, оваа година воведе и забрана за возила произведени пред 2000та година. Мадрид целосно забрани движење на автомобили низ централното градско подрачје, додека Осло денес објави привремена забрана за сите дизел возила како мерка за справување со аерозагадувањето.

„Она што ни е потребно се храбри мерки кои ќе се спроведат и покрај тоа што се непопуларни и потребно е тоа да се направи итно“, стои во соопштението.