Еко Герила: Воздухот без Југохром е значително почист

Во текот на месеците во 2016 година кога фабриката Југохром не работела, Тетово било за 40 до 50 отсто помалку загадено, покажуваат податоците за загадувањето од мерењата на Министерството за животна средина, што ги објави еколошката организација Еко герила.

Најголема разлика е воочена во Тетово, каде што загадувањето на годишно ниво од просечната вредност 140-150 е намалена за прв пат на 97, иако Југохром не работел само 4 месеци од годината. Намалување на загаденоста е воочено и во Кичево, каде РЕК Осломеј работел само 40 дена во текот на 2016 година.

„Дефитинитвно е јасно дека воздухот без Југохром е помалку загаден во значителни количини, затоа истакнуваме дека барањето на менаџментот на Југохром за повторно започнување на работата без да ги постави филтрите е незаконско барање, и како такво е неприфатливо и опасно. Бројките кажуваат се, тоа се официјални мерења на Министерството за Екологија. Оттука, искажуваме поддршка за одлучноста на Инспекторатот за Животна Средина и на Министерството за Животна средина да не станат жртви на тактизирањата од страна на раководството на Југохром.

Исто така, сакаме да испратиме порака и до Владата дека најважно е здравјето на нашите деца, на идните поколенија, здравјето на стотиците иљади жители на Тетово и околината. Бројот на малигните заболувања во Македонија во последно време достигнува огромен пораст. Ниту еден интерес не е поважен од здравјето на стотиците иљади жители кои се принудени секој ден да вдишуваат 30 тони прашина од Југохром во воздухот“, велат од Еко Герила.

Тие сакаат Владата да гарантира дека Југохром нема да се отвори без целосно поставување на филтрите. Од друга страна, сметаат дека треба и другите загадувачи да се стават под контрола на властите.

„За жал, на крајот на мандатот на актуелното раководство на општина Тетово можеме да кажеме дека имаме целосен неуспех во борбата против загадувањето и заштитата на животната средина, но повеќе за оваа тема ќе слушнете во деновите кои следат“, стои во соопштението на Еко Герила.

Тие потсетуваат дека една од темелните вредности на уставниот поредок нa Република Македонија е заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.Според Уставот, секој човек има право на здрава животна средина и секој (најпрвин Владата) е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Понатаму, Уставот предвидува дека државата е должна да обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.