Егзит фестивал годинава ќе се одржи од 7 до 10 јули

Егзит фестивал годинава ќе се одржи од 7 до 10 јули на Петроварадинска тврдина, а потоа Егзит Авантурата се сели на Јадранското море на третиот по ред Си Денс фестивал од 14 до 16 јули.

Настапите на магичната Егзит Авантура 2016 меѓу првите ги потврдија и во моментов најголемата светска хип-хоп ѕвезда, Wiz Khalifa, инди-рок сензацијата Bastille, исклучително бараниот лондонски рапер Stormzy, белгискиот хитмејкер Lost Frequencies, култниот музички колектив Dub Pistols и најбараниот холандски бенд Kensington.

И Денс Арената на Егзит ги потврди своите први ѕвезди, кои во четврток на 7 јули ќе ги предводи харизматичниот Solomun, додека за саботната треска задолжени се апсолутниот хитмејкер Robin Schulz, холандската ѕвезда Nicky Romero, како и сопствениците на актуелните суперхитови на минатото лето Feder и Sam Feldt. Нив ги следи и импресивната листа на бејс изведувачи од Петроварадин до Јаз, а први потврдени се родоначелниците на жанрот и драмендбејс прваците DJ Hype и Andy C, како и најголемите дабстеп ѕвезди Modestep и Zomboy.

Ќе им се придружат и водечките имиња на новата генерација Wilkinson, Ivy Lab и Sub Zero, а специјално место во програмата на главната бина на Егзит фестивал е резервирано за неповторливата Ms. Dynamite. Втората по величина електронска бина на Егзит фестивал, No Sleep Novi Sad, го потврди доаѓањето на еден од најпопуларните светски техно клубови, парискиот Concrete, кој на тврдината ќе го претставуваат Tommy Four Seven, Antigone, Francois X и Shlømo.

Големата празнична акција на Егзит, во чии рамки може да се набават влезниците по најповолните цени, завршува на 14 јануари на полноќ, соопштуваат од Пасворд Продукција.

Влезниците за Егзит фестивал сѐ уште се достапни по промотивната цена од 3.599 денари, а сите купувачи во оваа акција ќе добијат и подарок влезница за Си Денс фестивал.

Влезниците во Македонија се продаваат преку продажната мрежа на www.mktickets.mk и во официјалното продажно место Југотон (Скопје, ГТЦ, 1 кат). Во продажба се и влезниците за камп сместувањето на годинашниот Егзит а сите информации се достапни на овој линк.