Едукативна тура низ „Палатите на старо Скопје“

ХАЕМУС – центар за научно истражување и промоција на културата – Скопје организира тричасовна едукативна тура на 20 мај, низ познати палати на Скопје со Василка Димитровска, магистер по археологија и професионален туристички водич.

Зборно место е Музејот на град Скопје (Стара железничка станица) во 10 часот.

Кога ќе се навршат повеќе од сто години од еден историски период, тој официјално и научно станува археологија, историја и антропологија на нашето совремие и се третира како културно наследство.

Далечните спомени од пред стотина години сместени во срцето на Скопје, денес сплотени во едно невообичаено „културно наследство“ на Република Македонија, ја раскажуваат приказната за „Палатите“ изградени во текот на првата половина на 20-тиот век, доловувајќи го шармот и духот на старото Скопје меѓу двете светски војни.

Палатите на старо Скопје се наоѓаат во самиот центар на градот и во нивната архитектура може да се забележат влијанијата на многу европски стилови, како што се експресионизмот, арт нуво, академизмот, традицијата и модерниот стил, честопати надополнети со елементи на византиската традиција, класиката, ренесансата и барокот.

Во минатото богатите и славните луѓе во главниот град живееле во нив. Денес овие згради сведочат за животот во Скопје, кој културно, социјално и економски интензивно се развиваал во периодот 1918-1941 година. Во повеќето од овие палати денес се наоѓаат седишта на компании, национални ресторани, хотели или претставуваат приватни семејни домови, а некои од нив се и амбасади на ЕУ. Некои од палатите на старо Скопје се заштитени со закон и прогласени се за културно наследство на Република Македонија.

Целта на оваа полудневна тура низ центарот на Скопје е промоција и популаризација на богатото архитектонско наследство коешто несомнено оставило трага во архитектурата и уметноста на главниот град.

Ќе се посетат: Хотел Бристол – Ристиќева палата – Куќата на Мона – Куќата на Шкаперда – Палатата на Бојаџиеви – Палатата Армагањан – Арапска куќа – Беговата палата – Палатата MCM – Идадија – Боемски кварт на Скопје

Турата тргнува од Старата железничка станица со фокус на зградата на хотелот Бристол и продолжува кон плоштадот „Македонија“ каде се разгледуваат Ристиќевата со околнините палати, како и Куќата на Мона во стилот на раната модерна. По разгледувањето на плоштадот, турата се упатува долж улицата Максим Горки и се посетуваат редоследно Куќата на Шкаперда (денешна Италијанска амбасада), палатата со кубиња (куќата на Бојаџиеви) и Арапската куќа (денешен хотел Јадран). Потоа турата продолжува кон ул. Илинденска, каде се посетуваат Беговата палата (денешен Пионерски дом Карпош), Палатата MCM (куќата на Рубенови) и се преминува кон ул. Боемска 1. По разгледот на куќите изградени помеѓу 1918-1941 во кои денес се сместени повеќе кафеани, турата завршува пред ул. Боемска 2, каде исто така се наоѓаат повеќе палати на старо Скопје, изградени во периодот помеѓу двете светски војни.

Цена на турата изнесува 650 денари, но со попуст од Групер чини 450 денари.