Едукативен настан на „Школка“ по повод Светскиот ден на борба против беснило

Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија, како и секоја година, се приклучува кон глобалната кампања по повод одбележување на Светскиот ден на борба против беснило.

По тој повод во сабота (30 септември) Агенцијата организира јавен настан од едукативен карактер во градскиот парк („Школка“) во периодот од 10 до 12 часот.

„На настанот предвидено е да учествуваат ветеринарни друштва кои ќе вршат бесплатен преглед на домашни миленици и ќе даваат совети за зачувување на нивното здравје, а со самото тоа и здравјето на сопствениците“, велат од Агенцијата.

Ветеринарните друштва на присутните сопственици на домашни миленици ќе им доделуваат ваучери за попуст за вакцинација против беснило и за микрочипирање на милениците, кои претставуваат законска обврска на секој сопственик согласно законските акти.

„Основна цел на одржувањето на овој настан е да се промовира вакцинацијата на домашните миленици против болеста беснило и подигнување на јавната свест во однос на оваа болест“, стои во повикот за настанот.