Еднострано раскинати пет договори за концесии за минерални суровини во Лабуништа

По предлог на Министерството за економија, Владата на Република Северна Македонија на последната седница донела одлука за еднострано раскинување на пет договори за концесии за неметалични минерални суровини во околината на Лабуништа, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Како што посочи Бектеши, концесиите се одземени со цел да се заштити здравјето на локалното население, но и животната средина во овие региони.

„Имам голема чест и задоволство да објавам дека оваа одлука се реализира уште едно ветување кое го дадовме на граѓаните, посебно за жителите на село Лабуништа. За време на вонредната состојба настаната заради епидемијата предизвикана од вирусот Ковид-19, жителите на селото Лабуништа продолжија да ги доставуваат барањата за одземање на доделените концесии за експлоатација на неметалични минерални суровини во близината на селото, до Министерството за економија, укажувајќи и дека настанатата прашина при минирање, експлоатирање, сепарирање и транспорт на минералната суровина значително го нарушува здравјето на жителите на селото“, изјави Бектеши.

Како што додаде Бектеши, согласно Законот за минерални суровини и согласно Уредбата врз основа на која се донесени одлуките, во случај на едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација по овој основ, концесионерот може да поднесе барање за добивање на нова концесија за експлоатација на минерална суровина.

„На друг локалитет во рок од 60 дена од денот на влегување во сила на одлуката за едностран раскин на договорот и доколку позитивно се изјаснат сите надлежни институции и општината каде што се наоѓа локалитетот, тогаш концесијата ќе ја добијат директно за експлоатација“, додаде Бектеши.

Како за потсетување, жителите на Лабуништа за прв пат организираа протест за затворање на каменоломите во јули минатата година.