„Една“ на Вук Митевски прогласен за најдобар европски краткометражен филм на Филмскиот фестивал во Краков

Краткометражната анимација „Една“ на Вук Митевски ја освои наградата на жирито за најдобар европски краткометражен филм на штотуку завршениот филмски фестивал во Краков. Со оваа награда филмот добива директна номинација за Европската филмска академија.

Европската филмска академија, листата на 15 номинации за најдобар краток филм ги добива од наградените филмови од 15 фестивали. Меѓу овие фестивали од кои се добива директна номинација се и Венецискиот, Берлинскиот, Локарно, Сараевскиот како и Филмскиот фестивал во Краков.

Од Продукцијата Митевски посочуваат дека куризиоитет е што на Филмскиот фестивал во Краков оваа награда се избира од филмовите во две селекции, за краткометражен игран филм и анимиран филм заедно, и токму „Една“ ја добила оваа престижна награда од страна на петтчленото жири.

„Една“ е 11 минутна анимација инспирирана од бегалската криза, каде што Македонија, како транзитна земја, ја проследи реката човечки судбини. Во суштина ЕДНА е љубовна приказна поставена во многу необични околности, раскажана на многу апстрактен и поетски начин. Анимацијата е целосно изработена во рачен цртеж и на авторот му беа потребни скоро три години за да ја изработи оваа магична анимација.

Филмот е копродукција помеѓу Северна Македонија и Белгија и е подржана од македонската Агенција за филм. Продукцијата целосно се одвиваше во Северна Македонија, а постпродукцијата во Германија, каде што беше работен звукот, Франција каде се изработуваше музиката, и Белгија каде се работеше лабараторијата и миксот.

Сценариото е на Теона Стругар Митевска, музиката е изработена од Оливие Самујо, звук Емил Клотзц, монтажа на Благоја Неделковски и Ванчo Мираковски, асистент аниматор Марија Коробар.

По претходниот голем успех со повеќекратно наградуваната анимација Алерик, ова е четврта анимација на Вук Митевски.