Единаесет млади кои патуваат околу светот стигнаа во Македонија

Преку португалскиот проект„World Life Experience“,  11 млади ентузијасти тргнаа на пат околу светот и стигнаа во Македонија. На неколку настани во центарот „Јавна соба“, од 19-ти април до 30-ти април, со македонската публика тие ќе споделат свои искуства за едногодишното патување, но и за културата на земјите од кои потекнуваат.

Своето патешествие тие го започнаа во јануари 2018 година минувајќи низ Португалија, Шпанија, Англија, Холандија, Хрватска, Словенија, Чешка, Словачка и Босна. Нивното патување во секој град се состои од пет работни денови како волонтери во културни и социолошки активности, додека пак останатите пет дена им служат за разгледување и запознавање на околината, културата и општеството.

По Македонија, споделувајќи го своето искуство, традиција и култура и запознавајќи го нашето поднебје, ќе го продолжат своето патешествие низ Тајланд, Виетнам, Камбоџа, Малезија, Индонезија, Јапoнија, Австралија, Јужна Америка, Мозамбик, Бразил, Уругвај, Аргентина, Чиле, Боливија и Перу каде ќе раскажуваат и своите  искуства.

На 21 април, од 17 – 21 часот, на просторот на летната тераса на Јавна Соба ќе се случува кулинарскиот ден во кој тие ќе приготвуваат традиционални јадења од својата земја на потекло (Бразил, Венецуела, Кабо Вреде, Португалија, Шпанија, Италија, Украина, Аргентина, Русија). На 22 април, од 10 часот ја создаваат пролетната градина во Јавна Соба за која ќе бидат одговорни да се претвори во расад од пролетни цвеќиња и прекрасни миризливи зачини што се употребуваат и во нивните кујни. На 25 април, во 21 часот ќе бидат проектирани кратки филмови преку кои ќе ја прикажат современата филмска уметност на своите земји, додека на 26 април ќе се случува разиграната ноќ со звуците од „world music“ сцената што ги идентификува нивните земји на потекло.