Дводневна хибридна конференција за вмрежување на младите од Северна Македонија и Грција

Младинскиот сојуз – Крушево на 25 и 26.2.2021 година ја организира дводневната Конференција за вмрежување и поврзување на младите од Северна Македонија и Грција со носителите на одлуки во двете земји. На конференцијата која ќе биде од хибриден формат (комбинација од физичко и онлајн присуство) ќе учествуваат над 110 млади луѓе од двете земји, а учесници-панелисти ќе бидат претставници на академската заедница, граѓанскиот сектор и јавните институции.

За времетраењето на настанот, учесниците ќе креираат предлог документ со политики и активности кој во себе содржи конкретни чекори и кој ќе се испрати до министерствата за надворешни работи на двете земји со цел продлабочување на билатерална соработка помеѓу двете земји во делот на младинската политика.

Исто така, ќе бидат презентирани и резултатите од истражувањето за перцепциите на младите луѓе во 2020 година кое беше спроведено од Младинскиот Сојуз во рамките на иницијативата за основање на канцеларии за младинска соработка помеѓу Северна Македонија и Грција.

Деталната агенда на настанот ја испраќаме во прилог. Конференцијата ќе може да се проследи во живо на Фејсбук (https://www.facebook.com/Cooperation-for-a-Common-Future-262472837166504), како и на ЈуТјуб (https://www.youtube.com/channel/UC7WM2RfAj1gZhF1llacPWvg).

Конференцијата претставува финален дел од првата фаза на спроведување на иницијативата за основање на канцеларии за младинска соработка помеѓу Северна Македонија и Грција од страна на Младински Сојуз – Крушево. Проектот е поддржан од амбасадите на Германија и САД, а за една година веќе се постигнаа и конкретни резултати: отворени се првите две младински канцеларии со локации во Солун и Валандово, а над 500 луѓе се вклучени во различни програми за размена на знаења и искуства. Исто така, во рамки на истражување за перцепциите на младите луѓе, преку интервјуа, анкета и фокус групи беа вклучени над 700 млади од двете земји на возраст меѓу 18 и 35 години.

Иницијативата за основање на канцеларии за младинска соработка помеѓу Северна Македонија и Грција се базира на пренесување на добрите практики од процесите на помирување во западноевропските земји, првенствено меѓу Германија и Франција, односно Германија и Полска, како и мултилатералните искуства на младинската соработка од земјите од Балтикот и регионалната канцеларија за младинска соработка во земјите на Западниот Балкан (RYCO).