Дводневен државен празник прогласен во Иран поради топлотниот бран

Владата на Иран ги прогласи среда и четврток за државни празници поради „невиден“ топлотен бран, имајќи предвид дека температурите во повеќето делови на оваа земја достигнаа над 40 степени Целзиусови, пренесува Ал Џазира Балканс.

Како што пренесуваат медиумите, филијалите на банките, судските и адвокатските канцеларии ќе бидат затворени, а испитите на факултетите и фудбалските натпревари се откажани.

Националната метеоролошка служба предупреди дека постои ризик од загаденост на воздухот и песочни бури на југот од земјата, каде оваа недела се очекува температурите да се искачат над 50 Целзиусови степени.

Во курдскиот град Дивандаре, жителите во понеделникот излегоа на улиците за да го изразат своето незадоволство поради исклучувањето на водата од чешмите, објави организацијата за човекови права Хенгав со седиште во Норвешка.

Голем дел од државата која има 90 милиони жители е пустина.

Научниците со години предупредуваат на се почести суши во регионот кој е особено тешко погоден од последиците од климатската криза.