МЗ: Најранливите групи да се ослободат од работа

Ослободување од работните обврски на најранливите групи на населението, вклучувајќи ги бремените жени и лицата на возраст над 60 години и во градинките да не се практикуваат физички активности, како и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот, ова се дел од мерките за заштита на здравјето, на кои апелира Министерството за здравство (МЗ) поради топлотниот бран.

Оттаму велат дека според најавата од Управата за хидрометеоролошки работи, следните два дена, односно, од четврток до петок, целата територија на државата ќе биде зафатена со температури од портокалова, алертна фаза.

„Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст на РСМ и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат поактивен пристап и да пружат помош на осамени, стари и изнемоштени лица и бездомници. Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област“, додаваат од МЗ.

Оттаму потсетуваат дека населението во летниот период е потребно да ги почитува општите мерки за заштита на здравјето, односно, дека во текот на екстремно топлите денови да се остане повеќе во затворени, климатизирани простории, додека при престој на отворено да се најде можност за почести одмори под сенка.

„Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да се носат заштитни очила и капа и да се користи крема со висок заштитен фактор. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри. На хронично болните лица се препорачува редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари“, апелираат од МЗ.

Истовремено, тие посочуваат дека поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарски производи, свежиот зеленчук и овошје пред нивна употреба, термичка подготовка на храната и консумирање веднаш по подготовката.