Државата да преземе системски мерки за превенирање на малолетнички бремености

Државата мора да преземе системски мерки за превенирање на малолетнички бремености, порачуваат од Иницијативата на жени од Шуто Оризари. На 8 април, Меѓународниот ден на Ромите, од Иницијативата потсетуваат дека Ромките од Шуто Оризари и во 2018 година сè уште се соочуваат со сериозни пречки во пристапот до основни здравствени услуги за репродуктивно здравје. Ова се потврдува и со загрижувачките податоци за бројот на малолетнички бремености меѓу Ромките.

Теренското истражување спроведено од Иницијативата во 2017 година покажа дека дури 20% од бремените Ромки од Шуто Оризари – или секоја петта бремена Ромка – се малолетнички.

„Ваквата состојба ја потврдува потребата од воведување едукација за младите и од услуги за заштита и унапредување на нивното репродуктивно здравје, што директно ќе придонесе кон намалување на бројот на малолетничките бремености. Едукацијата за начините на заштита од несакана бременост и од сексуално преносливи инфекции ќе ги опреми младите со информации и знаења кои се неопходни за донесување на важните одлуки во животот“, посочуваат од Иницијативата.

Истражување покажа и дека дури 82% од Ромките од Шуто Оризари го платиле прегледот кај матичниот гинеколог иако според прописите од областа на здравствената заштита, оваа услуга им следува бесплатно.

„Согласно Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца, прегледите и лабораториските анализи во текот на бременоста им следуваат бесплатно на бремените жени без здравствено осигурување, жените без документи за лична идентификација, Ромките и жените од социјално ранливи категории, но според нашето истражување, ова се почитува во само 20% од случаите. Ваквата практика во ординациите на матичните гинеколози ги одвраќа жените редовно да ја следат бременоста и со тоа директно се загрозува нивното здравје и живот“, се наведува во нивното соопштение.

Од Иницијативата на жени од Шуто Оризари бараат одговорните институции, пред сè Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија и Министерството за здравство да им дадат врвен приоритет на здравјето и животот на бремените жени и да изнајдат трајно системско  решение за целосно стопирање на практиката на незаконска наплата на здравствените услуги од страна на матичните гинеколози и да обезбедат целосно спроведување на мерките од превентивните програми на Министерството за здравство за унапредување на репродуктивното здравје на Ромките.