Дојран е македонски град на културата за 2016 година

Дојран е избран за град на културата за 2016, соопштија од Министерството за култура. На конкурсот на Министерството  за финансирање на проектот „Град на културата за 2016 година“, покрај Дојран аплицирале и градовите Битола, Берово, Струмица и Тетово.

„Програмата на Дојран содржи широк спектар на конкретни, квалитетни и разновидни културни содржини од сите дејности, проекти кои ја афирмираат културата и промовираат врвни културни вредности кај младата популација, активности кои го афирмираат домашното творештво и домашните автори, проекти кои подразбираат соработка со врвни уметници и кои презентираат творештво со стилска и жанровска разновидност. Програмата е збогатена со сите постојни традиционални фестивали и манифестации кои ќе бидат реализирани под еден белег, „Град на културата 2016 година“, се вели во соопштението на Министерството.

Со проектот се предвидени музички манифестации од сите жанрови, традиционална музика и фестивалска промоција на игри, ликовни колонии, драмски фестивали, поетски читања, промоции, изложби и концерти. Во програмата ќе учествуваат уметници од сите генерации. Титулата „Град на културата“ се доделува по 13 пат, а минатата година носител беше општина Велес.