Доделени наградите на Сараевскиот филмски фестивал

Босанско-хрватскиот филм „Take Me Somewhere Nice“ на режисерката Ена Сендијаревиќ го освои „Срцето на Сараево“ за најдобар филм на синоќешната церемонија за доделување на наградите.

За најдобар режисер беше прогласен Емин Алпер за неговото дело во „A Tale of Three Sisters“. Наградата за најдобра актерка замина кај Ирина Јамбонас за улогата во филмот „Rounds“, додека за најдобар актер беше избран Леван Гелбакиани за неговата улога во „And Then We Danced“.

За најдобар краток филм беше избран „The last image of father“ на режисерот Стефан Ѓорѓевиќ. Филмот е соработка меѓу Србија, Хрватска и Грција. Специјално признание од жири беше доделено за романскиот краток филм „The Last Trip to the Seaside“. Од студентската програма, пак, награда освои српскиот „Sherbet“ на Никола Стојановиќ.

Во категоријата документарен филм, наградата ја понеси „When the Persimmons Grew“ на Хилал Бајдаров и претставува соработка помеѓу Азербејџан и Австрија. Специјална награда од жирито доби босанскиот документарец „Stack of material“ на Сајра Субашиќ.

Новиот проект во развој на Теона Стругар Митевска, „Најсреќниот човек во светот”, кој беше преставен на Синелинк маркетот ја доби наградата „Еуримаж“ за развој во висина од 20,000 евра. 

Наградата за човекови права, пак, отиде кај унгарскиот документарец „The Euphoria of Being“ на режисерот Река Сабо.

Покрај ова, на фестивалот беа прикажани и првите две епизоди од втората сезона на „Фамилијата Марковски“, како дел од програмата на Гала претпремиери.

„Ова за нас значи успех бидејќи сме дел од селекцијата на нови балкански серии, а за сите наши гледачи дека втората сезона е готова и наскоро ќе има премиера и кај нас“, најавија од ТВ екипата.

„Фамилијата Марковски“ започна да се емитува во 2017 со осум епизоди, чие дејствие е инспирирано од вистинити приказни од секојдневието на македонските граѓани. Режисер на ТВ серијата е Даријан Пејовски. Главните улоги ги толкуваат: Петар Петковски, Тамара Ристоска, Владимир Петровиќ, Александар Микиќ и Силвија Стојановска.

Годинава, фестивалот траед 16 до 23 август. Вечерва ќе заврши со проекција на новиот филм на Квентин Тарантино „Once upon a time in Hollywood“.

Во рамки на фестивалот се одржаа бројни мастеркласови, работилници, светски премиери и ноќни забави.

Награди за животно дело добија режисерите Алехандро Гонзалес Инариту и Павел Павликовски, како и актерите Изабел Ипер и Тим Рот.