Дискусија: Човекот во вселената – 57 години подоцна, триумф за кого?

На 12 април пред 57 години, Јуриј Гагарин, стана првиот човек кој барем накратко ја напушти нашата планета. Летот на ракетата Восток 1, го отвори човечкото присуство во Вселената. Осум години потоа, човекот веќе стигна и до Месечината. По подолг период во кој човечкото присуство во Вселената беше сведено само на орбитални станици, пред се Меѓународната Вселенска Станица, неодамнешните настани, особено пробниот лет на SpaceX повторно ја разбудија имагинацијата на луѓето. Летот на Falcon Heavy доби широк публицитет, но и голем прием кај луѓето кои со нетрпение го чекаат враќањето на човекот во Вселената, но конечно подалеку од Земјината орбита.

Токму на темата, Социјалниот центар „Дуња“ организира дискусија во која ќе учествува Кристијан Шишковски од Астрономски центар „Орион“ и Васко Цацаноски како домаќин.

„Ќе се обидеме да отвориме многу перспективи на човечкото присуство во Вселената. Не само оние кои се доминантно присутни во медиумите, воедно и еднострани и „романтизирани“, туку и: техничкиот развој на вселенските летови, сегашните и идните проблеми на човечките вселенски летови и престој на други небесни објекти, но ќе се обидеме да ги опфатиме и историските и социо-економските релации во кои овие настани се случувале порано и денес и каков пат ни трасираат во иднина“, се вели во поканата за настанот.

Покрај дискусија, ќе има и изложба на постери изработени од графичкиот дизајнер Зоран Кардула, инспирирани од летот на Јуриј Гагарин.

Вечерта ќе се заокружи со забава со „вселенска музика“. 

Овој настан е дел од светската мрежа настани Yuri’s Night, чија цел е светско одбележување на човечкото присуство во вселената во минатото, сегашноста и иднината.