Девет студентски лидери, професори и активисти осудени за „Чадор револуцијата“ во Хонг Конг

Девет активисти за демократија се осудени во Хонг Конг бидејќи ги предводеле протестите на „Чадор револуцијата“ во 2014 година, во контроверзна судска пресуда која ги обнови стравувањата за рушење на политичките слободи во земјата.

Меѓу осудените се и професорите по социологија Чан Кин-ман и правни науки, Бени Таи, како и баптистичкиот свештеник Рев Чу Јин-минг, за нарушување на јавниот ред за учество во најмасовното движење во историјата на Хонг Конг кое се залагаше за слободни избори.

Судот во пресудата не ги соопштил казните, но осудените се соочуваат со максимална казна од седум години затвор.

Меѓу останатите осудени се и про-демократските политичари Тања Чан и Шиу Ка-чун, студентските лидери Исон Чунг и Томи Чеунг, како и активистот Рафаел Вонг.

Во образложението на пресудата, судијата одлучил дека граѓанската непослушност не го исклучила кривичното дело. Обвинителите тврделе дека протестите, кои скоро три месеци го блокираа центарот од Хонг Конг, предизвикале „несоодветно“ нарушување на јавниот ред.

„Денешната пресуда е удар по слободата на изразувањето и мирниот протест во Хонг Конг. Владата искористи нејасни обвинувања во нивниот бескрупулозен прогон кон деветте активисти“, изјавил директорот на бирото на Амнести Интернешнал во Хонг Конг, Ман-кеи Там.

Хонг Конг се води како специјален административен кинески регион, со највисоко ниво на автономија. Демонстрациите на „Чадор револуцијата“ ја изразуваа јавната фрустрација, особено помеѓу младите, поради насоката во која се движи Хонг Конг, но не успеаја да издејствуваат никакви реформи од страна на Кина. Преку протестите се бараше граѓаните на Хонг Конг да имаат право да избираат свои политички претставници. Оттогаш против многу активисти беа покренати судски процеси, а дел од нив добија затворски казни, додека про-демократските политичари добија забрани за вршење јавни функции.

Утрово, пред судот се собраа повеќе приврзаници на движењето со препознатливите жолти чадори, кои беа симбол на револуцијата.