Дескоска: Училиштата и факултетите треба да бидат “школи на демократија”

Ученичкото организирање е значајна можност за „демократска едукација“. Преку здружувањето, учениците учат за начините на организирано остварување на своите права и интереси, а со учество во процесот на одлучување, вежбаат демократија, но и се коректив на возрасните кога се одлучува за прашања што се од интерес на учениците, изјави министерката за образование, Рената Дескоска, на денешната конференцијата „Зајакнување на ученичкото учество во процесот на донесување одлуки во средните училишта“.

„Oсновните гаранции за ученичко организирање ги наоѓаме во Конвенцијата на правата на детето. Целиот мој живот се залагам за образовни институции што ќе бидат места за практикување демократија. Училиштата и факултетите треба да бидат „школи на демократијата“, и треба да го негуваат и стимулираат младинскиот активизам“, рече Дескоска.

Таа најави дека правото на учениците да се организираат и да учествуваат во одлучувањето во училиштата, преку конкретни гаранции, е вклучено во процесот на измена на Законот за средно образование.

Според неа, низ процесот на образование можат да се создаваат активни граѓани, кои ќе бидат носители на власта, односно нејзин контролор и коректив, а може да се создаваат и поданици, кои ќе бидат потчинети и подложни на манипулација.

„Јас ќе се залагам за училишта како „лаборатории за граѓански активизам“, бидејќи да се создаде владеење на народот е значајна работа, но има една уште позначајна, а тоа е да се одгледа народ за владеење“, посочи Дескоска, додавајќи дека со своето учество во процесот на одлучување, учениците придонесуваат за поквалитетен воспитно-образовен процес.

Иван Јованов, директор на здружението Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD), кое заедно со Фондацијата „Конрад Аденауер“ го имплементира проектот зајакнување и градење на капацитетите на училишните заедници во РМ, рече дека на настанот ќе се промовира првото истражување за учеството на средношколците во процесот на донесување одлуки во училиштата.

Според него, резултатите од истражувањето покажуваат дека 65 отсто од учениците не се вклучени во процесите на донесување одлуки, така што има голема потреба од нивно формално вклучување во процесот на донесување одлуки во сите тела и во училишниот одбор, во наставничкиот совет, и поголема консултација од страна на телата во училиштата, пренесе МИА.

Тој вели дека најчесто се вклучени во делот на организирање матурски екскурзии, но за посуштински прашања треба да има поголема вклученост, на пример дали има потреба за смени, дали сакаат да носат униформи, организирање воннаставни и вонучилишни активности.