Десетте најпопуларни хаштагови на Твитер

Пред да се популаризира Твитер, никој не знаеше која е всушност поентата на хаштаг копчето од тастатурата.

Социјалните мрежи ја променија нивната употреба, правејќи ги начин за поврзување на твитовите.

Десет години подоцна, симболот # е употребен 125 милиони пати на платформата секојдневно низ светот.

Во продолжение, десетте најпопуларни хаштагови досега, кои споменуваат важни настани и контроверзии.

#BlackLivesMatter

„Црните животи значат“ („Black Lives Matter“) е интернационално движење кое се мобилизираше преку Твитер, поврзувајќи ги луѓето при создавање на подобро општество за црните луѓе.

Движењето сега има онлајн форум и добротворна организација, која има за цел „да гради врски помеѓу црните луѓе и другите сојузници за борба против расизмот, да поттикне дијалог и да ги олесни каналите за создавање врски, потребни за да се охрабри социјална акција и ангажираност“.

#EdBallsDay

Политичарите немаат најдобра репутација кога станува збор за користењето на Твитер, и покрај обидите на Ед Милибанд да го смени тоа.

Од 28 април, 2011 година, светот го прослави неуспешниот обид на поранешниот пратеник од партијата на лабуристите Ед Болс, кога тој едноставно го твитна своето име.

Луѓето, очигледно се уште го сметаат тоа за смешно, со оглед на тоа дека се одбележува секоја година.

#TheDress

Дали е син или црн? Или бел и златен? Две години подоцна, дебатата продолжува.

Се започна откако беше објавена фотографија од фустан, за кој целиот свет не можеше да се усогласи во која боја е.

На крај, тоа заврши како огромен научен експеримент за тоа како луѓето ги гледаат боите.

#HeForShe

Станува збор за кампања на Обединетите Нации за родова еднаквост, која започна во 2014 година и беше поддржана од јавни личности како Ема Вотсон и Сајмон Пег. Кампањата има за цел да ги инспирира мажите да ги разберат и да стават крај на нееднаквостите на коишто се подложни жените, и да покажат како родовната еднаквост влијае врз целото општество, економијата и политичките ситуации.

Луѓето го користеа хаштагот како платформа да ги изразат своите битки со родовата нееднаквост во секојдневниот живот и да бараат промена.

#PutYourBatsOut

Ненадејната смрт на 25-годишниот австралиски крикет играч Филип Хјуз во 2014 година ги шокираше фановите низ светот и поттикна проштални пораки на Твитер при што се користеше хаштагот #PutYourBatsOut.

Се започна кога неговиот фан Пол Тејлор остави крикет палка пред неговата куќа како знак на почит.

Тоа стана тренд на Твитер, на кој се приклучија поранешни и актуелни крикет спортисти и познати јавни личности, кои исто така ги ставија своите палки во знак на почит.

#CupforBen

Минатата година, татко од северен Девон побара од Твитер заедницата да се најде замена за шишенцето на неговиот аутистичен син Бен.

Твитот, кој го популаризираше хаштагот #CupForBen, беше споделен повеќе од 12 000 пати.

14-годишниот син пиел единствено од шишенцето со две рачки, кои повеќе не се произведуваат, откако тој имал две години.

На крај, приказната заврши среќно кога компанијата за произведување на детски шишенца „Томи Типи“ соопшти дека ќе произведе 500 нови шишенца откако од фабриките низ светот ќе го најдат оригиналниот модел.

#IceBucketChallenge

Овој предизвик започна вирално да се шири во 2014 година.

Оние што учествуваа, требаше да истурат ладна вода врз себе и да го објават видеото на социјалните мрежи.

Предизвикот стана тренд по видеото на Пит Фратс кој се потури со замрзната вода.

Сепак, предизвикот имаше и хуманитарна страна. Со него се собраа речиси 100 милиони фунти за добротворни цели и служеше за финансирање на важно истражување на ген поврзан со невродегенеративната болест – Амиотрофична латерална склероза.

#JoinIn

Овој Твитер тренд го започна комичарката Сара Миликан.

Таа формираше онлајн заедницата за секој што се чувствуваше осамен во 2011 година, која потоа беше придружена со повеќе Твитер кампањи, особено за време на Божиќ.

„Се започна бидејќи јас сум многу емотивна и не можам да поднесам што има луѓе што се сами за време на Божиќ“, изјави таа за медиумите.

#FollowFriday

Овој хаштаг е првиот што навистина се прослави на Твитер.

Со него се промовираат човечки приказни кои можеби останатите би ги следеле.

Првиот #FollowFriday е твитнат на 16 јануари 2009 година, и досега имало повеќе од милијарда споделувања.

#barcamp

Не сте слушнале за овој хаштаг?

Можеби бидејќи е првиот хаштаг што некогаш е употребен на Твитер и е објавен од поранешниот инженер на Убер и Гугл, Крис Месина.