Денови на кинески филм од денес во Кинотека на Македонија

КТ Филм и Медиа, во соработка со Институтот „Конфуциј“ при УКИМ, од 11 до 16 февруари организираат Денови на кинески филм.

Секој ден, почнувајќи од денес до четврток, ќе се прикажува по еден филм од 20 часот. Целосната програма може да се најде подолу.

11 февруари (сабота) 20:00 ч.

ЗАЛАК ОД КИНА: ПОДАРОКОТ ОД ПРИРОДАТА

(A Bite of China: The Gift of Nature)

Документарен филм, Кина

2012 г., 40 мин., колор, ХД

Режија: Чен Сјаоќинг (Chen Xiaoqing)

ЗАЛАК ОД КИНА е кинеска документарна серија чија тема е историјата на храната, јадењето и готвењето во Кина. Во снимањето на серијата се користени искуствата на најдобрите кинески готвачи. Првиот вид на храна за која се зборува во оваа епизода се мацитаке – боровите иглички. Тоа е скапоцена габа што наоѓа само во одредени планински области без загадување и е многу ретка. Следуваат коцки од свеж зимски бамбус, солта од областа на планините Нуоденг што се користи за правење шунка. Влажната и топла клима, што исто така е подарок од природата помага во ферментирањето на шунката. Уште еден подарок од природата е рибата. Природата е дарежлива и ги наградува луѓето, а така треба и луѓето да се однесуваат со природата.

13 февруари (понеделник) 20:00 ч.

РАВЕНКА ЗА ЉУБОВТА И СМРТТА

(Li Mi de caixiang / The Equation of Love and Death)

Игран филм, Кина

2008 г., 96 мин., колор, ХД

Режија: Баопинг Цао (Baoping Cao)

Сценарио: Баопинг Цао (Baoping Cao)

Улоги: Сјун Џоу, Чао Денг, Сјанју Џанг (Xun Zhou, Chao Deng, Hanyu Zhang)

Една мистериозна смрт одеднаш поврзува петмина туѓинци. Откриен е шверц со дрога и преку пресвртите во истрагата се откриваат нивните приказни и, помеѓу овие пет туѓинци, се открива бизарна поврзаност. РАВЕНКА ЗА ЉУБОВТА И СМРТТА вплеткува три различни љубовни приказни и ги истражува различните емотивни судири низ кои поминуваат луѓето за време на болка и загуба и воедно ни покажува дека заборавот, можеби, е најтешкото нешто што може да се направи. Филмот е добитник на наградата за најдобар режисер дебитант на Фестивалот во Сан Себастијан.МОБИЛЕН

14 февруари (вторник) 20:00 ч.

ДВАЈЦА СТАНУВААТ ЕДЕН

(2 Become 1 / Tin sun yut dui)

Игран филм, Кина

2006 г., 98 мин., колор, ДВД

Режија: Винг-чеонг Лоу (Wing-cheong Law)

Сценарио: Ајви Хо, Чи Кенг Фунг (Ivy Ho, Chi Keung Fung )

Улоги: Миријам Чин Вах Јеунг, Ричие Џен, Јо Кук ( Miriam Chin Wah Yeung, Richie Jen, Jo Kuk)

Обична чиновничка по име Бинг, води безгрижен градски живот составен од грижа за растението во нејзината канцеларија, состаноци и озборувања со трите пријателки. Сепак, нејзиниот безгрижен живот наскоро се превртува наопаку кога ќе пронајде грутка во градата. Сè почнува да се распаѓа, додека таа се обидува да се справи со битката за женственоста, преку серија на горчливо-слатки настани. Со помош на доктор В и срамежливиот, но талентиран тинејџер Синг, Бинг наоѓа нови предизвици во животот и волја да се соочи со сопствените демони.

15 февруари (среда) 20:00 ч.

ТЕЛЕФОН

(Shou ji / Cell Phone)

Игран филм, Кина

2003 г., 107 мин., колор, ХД

Режија: Сјаоганг Фенг (Xiaogang Feng)

Сценарио: Џенјин Лиу (Zhenyun Liu)

Улоги: Ју Ге, Бингбинг Фан, Тонгшенг Хан (You Ge, Bingbing Fan, Tongsheng Han)

Филмот се врти околу двајца успешни мажи чии бракови ќе бидат уништени кога нивните жени ќе ги откријат нивните вонбрачни афери, преку трагите што останале на мобилните телефони. Генерално, филмот ја истражува улогата на мобилните телефони во интерперсоналниот комплекс на односите помеѓу мажите и жените во современа Кина, каде брзиот развој на информатичката технологија има огромно влијание врз начините на кои луѓето комуницираат. Јан е ТВ водител и има афера со Ву, млада атрактивна жена. Јан постојано ги брише трагите на мобилниот за неговата жена Ју да не го открие. Една вечер Јан ѝ кажува на Ју дека оди на состанок со Феи, а наместо тоа оди на рандеву со Ву и го исклучува мобилниот. Неговата жена го бара и откако не може да го добие , се јавува на Феи… Филмот станува најпродаваната кинеска стока за 2003 година и доживува огромен успех на киноблагајните.

16 февруари (четврток) 20:00 ч.

ЉУБОВЕН МИГ

(A moment of love)

Игран филм, Кина

2013 г., 94 мин., колор, ХД

Режија: Гавин Лин (Gavin Lin)

Сценарио: Гавин Лин, Лунг Ши Лу (Gavin Lin, Lung Shi Lu)

Улоги: Вик Чоу, Ши Ши Лиу, Јун Лиу (Vic Chou, Shi Shi Liu, Yun Liu)

Ји оди на службено патување во Јунан токму пред нејзината свадба. За време на нејзиниот престој во хотелот, таа ќе запознае едно младо момче, кое бара некоја стара дама, за која има само писма што неговиот дедо ги напишал пред тој да умре. Тие двајца тргнуваат заедно и патуваат низ Кина, во потрага по дамата од писмата. Патувањето ќе им донесе многу сознанија и, меѓу другото, ќе откријат што може да значи и што може да донесе љубовта.