Денови на германски филм во Битола

Дистрибутерската куќа „Катавеј“ организира Денови на германски филм, од четврток (1 декември) до сабота (3 декември), во 3Д Кино Битола. Ќе бидат прикажани три филма, од кои два продуцирани во 2016 година, кои имаат по неколку национални и меѓународни награди. За сите филмови е  обезбеден превод на македонски јазик.

На 1 декември во 18 часот во Големата сала ќе се прикажува филмот е „Фриц Ланг“. Го сметале за гениј, егоцентричен сексуален манијак и садист. Насилството и љубовта станале теми што го следеле Фриц Ланг до крајот на животот. Бил син на насилен татко, поради кој многу страдала неговата сакана мајка Еврејка. Бил војник во Галиција, каде што ги доживеал ужасите на Првата светска војна. На крајот, како млад режисер во Берлин, обвинет за убиството на сопствената сопруга. Фритц Ланг го истражува „злото” во себе и во сите нас.

 На 2 декември од 21.30 часот во Мала сала пак, ќе се прикажува „Џонатан“. Еден млад човек се бори со притисокот да се грижи за неговиот татко, кој е смртно болен, додека истовремено се обидува да ја открие тајната која татко му е решен да ја чува за себе.

За крај, на платното во Малата сала на 3 декември, од 19:30 часот, посетителите на битолското кино ќе можат да го гледаат „Мирно море“.  Во него, тинејџер се приклучува кон отпорот во окупираната Франција од нацистите за време на Втората светска војна.