Денот на социјалните медиуми по четврти пат се одбележува во Македонија

Колкава е моќта на социјалните медиуми во нашето секојдневие? Платформите како Twitter, Facebook, Instagram, Snapchat, Periscope, направија револуција во начинот на кој комуницираме. Дури и бизнисите го препознаваат големото значење на социјалните медиуми во комуникацијата со нивните клиенти и продажбата на нивните производи. Но, дали знаеме како најдобро да ги искористиме?

Сакајќи да придонесе кон афирмирање на употребата на социјалните медиуми, интернет заедницата во Македонија на 26 јуни, по четврти пат ќе го одбележи Денот на социјалните медиуми (Social Media Day). Програмата оваа година вклучува четворица говорници – активни твитерџии, граѓански активисти и претприемачи, кои со присутните ќе ги споделат своите знаења и позитивни искуства од своите кампањи.

„Денот на социјалните медиуми е настан на кој ја потенцираме улогата и значењето на социјалните медиуми и разменуваме знаења и искуства за поефикасно користење. Редовно комуницираме на интернет, ама секогаш е убаво да се собереме на едно физчко место сите „зависници“ од социјални медиуми, да се дружиме и да размениме лични искуства“ – вели Дарко Булдиоски од агенцијата New Media, која четврта година по ред е организатор на настанот.

Како и изминатите години, главен партнер на настанот е ЏаБест. Покрај формалната програма организаторите најавуваат и неформална програма покрај отворен базен и голем број други изненадувања.

Денот на социјалните медиуми во Македонија ќе се одбележи на 26 јуни (петок) со почеток во 20:00 часот, во комплексот-базен „Ирина“, во Припор, Скопје. Глобалниот Social Media Day се одбележува секоја година, на крајот на јуни, во сите поголеми градови. Програмата и сите останати детали поврзани со настанот ќе бидат објавени на блогот http://komunikacii.net.