Демонстрантите и полицијата во Тунис се судрија на одбележувањето на годишнината од „Арапската пролет“

Синоќешниот масовен протест во Тунис во текот на вечерта се претворил во насилен, откако полицијата употребила солзавец врз десетици млади демонстранти во сиромошниот туниски кварт Етадамен.

Вчера илјадници Тунижани се собраа во центарот на главниот град Тунис, на седумгодишнината од масовните протести по кои од власт беше соборен поранешниот претседател Зине ал-Абедин Бен Али. Тоа требаше да биде кулминација на протестите низ Тунис против актуелната власт, кои траат веќе неколку недели, на кои граѓаните ја критикуваат актуелната власт дека го уништува наследството на „Арапската пролет“.

Насилството во Етадамен се случило само неколку часа откако местото го посетил претседателот Беџи Цаид Есебси, за да најави социјални промени насочени кон смирување на тензиите. Неговата посета следува по неколкудневните масовни протести низ земјата, на кои граѓаните го изразуваат незадоволството од новиот државен буџет, со кој поскапуваат основните животни продукти.

И синоќа, како и на претходните демонстрации, насилството избило во ноќните часови, со нов судир на граѓаните и полицијата, кој критичарите го оценуваат како несоодветно силен одговор на властите врз протестите. Оваа недела во немирите било убиено најмалку едно лице, десетици биле повредени, додека околу 800 луѓе се притворени, според информациите на министерството за внатрешни работи.

Од протестите во Тунис по повод 7-годишнината од соборувањето од власт на Бен Али ФОТО: Ројтерс

Туниската влада смета дека зголемувањето на цените и даноците се неопходни за економска рамнотежа потребна за кредитите од Меѓународниот монетарен фонд кои помагаат државата да не банкротира.

Тунижаните, фрустрирани од повеќегодишната економска стагнација, влошена по терористичките напади во 2015 година кои наштетија на туризмот во земјата, потенцијалното поскапување на храната, горивото, интернетот и други стоки било доволно да излезат на протест.

Седум години по падот на дикаторското владеење на Бен Али, земјата промени шест влади. Многу од граѓаните од Тунис изгубија надеж во успешната транзиција на економијата и нивните животи.

„Тунис е на крстосница. Мораме да вршиме притисок, бидејќи поголемиот дел од нашите социјални и економски права не ни се овозможени“, вели Месуд Ромдани, поранешен демонстрант против Бен Али и претседател на Тунискиот форум за економски и социјални права.

Тој предупредува дека земјата може да биде светилник за целиот регион кој е во проблеми, доколку властите го корегираат нивниот курс на владеење, или пак да пропадне во хаосот кој ги зафати Сирија, Либија и другите земји.

„Клучниот збор на револуцијата е достоинство и луѓето се уште чувствуваат дека владата не ги гледа нивните проблеми. Тие сметаат дека намерно се занемаруваат“, додава тој.

Тунис беше првата држава во која започна „Арапската пролет“ во 2011 година и засега беше ретко светлата точка.Во другите држави во регионот, каде преку протестните движења беа соборени повеќе диктатури, избија граѓански војни или повторно се под автократска контрола.