Демонстрантите до Вучиќ: Колони луѓе не сакаат да живеат во општеството кое го создавате

„Сакате поданици, а не граѓани. Тоа е причината зошто денес имате колона од оние кои не сакаат да живеат во општеството кое го создавате“, се вели во пораката на организаторите на протестите во Белград, „Стоп на крвавите кошули“.

Со писмо до претседателот Александар Вучиќ, демонстрантите му порачаа дека добил мандат да биде претседател на сите граѓани, а не, како што велат, да се пресметува со оние кои се осмелуваат да мислат.

Тие истакнаа дека протестите нема да престанат, дури и ако секој ден се објавуваат најлоши лаги за учесниците, додавајќи дека тие протести не се предизвикани од страна на организаторот, туку претставуваат одговор на граѓаните за неговото владеење, секојдневното насилство и лаги.

„Време е да сфатите дека не можете да исплашите пет милиони граѓани, а со тоа ниту еден од нас. Ние ја имаме вистината на наша страна, а вие се друго“, се вели во писмото, за кое посочуваат дека е испратено директно до Вичиќ, бидејќи „тој е уредник на речиси сите медиуми во Србија“.

„Сите оние кои се осмелуваат да се чувствуваат слободни да кажат што мислат, стануваат непријатели и треба да се ’удават’ во калта на таблоидите. Секој ден непријателот е нов. Во минатото тоа беше Славко Чурувија и Оливер Ивановиќ, а денес ние сме вашата мета. Денес ние ’зависници од дрога, странски платеници, предавници’. Дали не казнувате затоа што во едно интервју се осмеливме да истакнеме со какви неправилности владеете или затоа што организираме протести за граѓаните да покажат дека не ви се плашат? Дали не казнувате поради тоа што бараме да се почитуваат законите и сите граѓани да имаат еднакви права“, прашаа тие.

Инаку, протести „Стоп за крвавите кошули“, а под слоганот „Еден од пет милиони“, се одржуваат во Белград веќе пет викенда по ред. Покрај Белград, во саботата вечер се организираа и протести во Ниш, Крагуевац, Пожега и Нови Сад.